По шеснаесетти пат во село Девич, како домаќин, денес се одржаа традиционалните „Поречки средби“. Ова село по вторпат е домаќин на „Поречките средби“ откако во 2012 година за првпат беше домаќин на истите.
– Денес нашето село по дванаесет години повторно беше домаќин на шеснаесеттите по ред „Поречки средби“. Годинешните средби изобилуваа со богата културно-уметничка програма во која зедоа учество КУД „7-ми Септември“- Македонски Брод, КУД „Моминок“ од Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, КУД „Бисер“ – Кичево, пеjачката група „Пенка Котева“ од Прилеп, пензионерска пеjачка група од Штип, гајдаџиите Ратко Златески и Љупче Најдоски, а настанот беше збогатен и со поетско читање на поголем број локални поети. По завршувањето на програмата за присутните на средбите беше подготвено војничко гравче, кое се служеше во трпезаријата од селската црква „Свети Ѓорѓија“ во село Девич. По завршувањето на заедничкиот ручек следуваше општонародна веселба на сретсело. Во текот на денот Меморандум за соработка потпишаа Здружението на граѓани „Поречки средби“ и општина Македонски Брод – истакна Тони Стојкоски, претседател на ОО на „Поречки средби“.
Во село Девич беше организиран и базар на кој беа понудени на продажба производи добиени од еколошко чисто Порече, од органски мед, костени, домашни ракотворби и многу други производи.
З.А.