Во пустинската тишина на Западен Тексас, група инженери, дизајнери и визионери градат еден од најамбициозните инженерски и филозофски потфати на нашето време, уред што би можел да ја надживее цивилизацијата – часовникот на долгото сегашно време. Дизајниран да трае 10.000 години, овој часовник го менува начинот на кој човештвото размислува за иднината. Тој е повеќе од механичко чудо. Тој е уметнички и филозофски израз на идејата дека времето е многу повеќе од часовникот на нашиот ѕид.
Во ерата кога светот се врти околу актуелните трендови и краткорочните планови, овој часовник поттикнува поинаков начин на размислување – оној што мери векови и милениуми. Дизајниран без електроника, часовникот се потпира на гравитацијата, сончевата светлина и посетителите за да се одржува во движење. Неговата конструкција е врежана во камена планина, а секој дел од него е направен да издржи не само време туку и заборав, објавува „Дејли дајџест“.
Овој монументален проект има цел да стане симбол на долгорочна одговорност кон планетата и идните генерации. Зад овој необичен проект стои фондацијата „Донг сега“, основана во 1990-тите, со цел да се поттикнат долгорочното размислување и одговорноста за иднината. Основачите, меѓу кои се визионери како писателот на научна фантастика Нил Стивенсон, компјутерскиот пионер Дени Хилис и основачот на „Амазон“, Џеф Безос, сакаа да создадат нешто што буквално ќе „отчукува“ со векови – споменик на времето и симбол на долгорочното размислување. Хилис, кој го осмисли оригиналниот концепт за часовникот, постави едноставно прашање: Што ако можеме да направиме нешто што луѓето би можеле да го користат и да го набљудуваат 10.000 години? Одговорот стана невидена филозофска, научна и техничка авантура.
Часовникот се гради во планините Сиера Диабло, на земјиште донирано од Безос, еден од главните финансиери на проектот, кој досега инвестирал 42 милиони долари. Влезот во часовникот е низ тесен тунел во планината, а внатрешниот простор е со големина на повеќекатна зграда. Самиот механизам е висок околу 150 метри, а сите компоненти, запченици, тркала и оски, се направени од не’рѓосувачки челик, полиран камен и легури отпорни на абење, од ултраиздржливи материјали како што се титаниум, керамика и не’рѓосувачки челик, со минимална употреба на пластика или електроника.