Песни што ме тераат да играм
Едната легенда вели дека прво настанала песната, па потоа приказната, а другата легенда вели дека прво била приказната, па потоа песната. Како и да е, песната „Сајбија“ е камен-темелник на емоцијата, место каде што и самите ноти плачат. Музиката ја напишал Зоран Симјановиќ за филмот „Ангел чувар“. Симјановиќ е премногу голем за само така да се спомне, тој е еден од најголемите балкански композитори и ја напишал (или бил дел од тимот) музиката за „Грлом у јагоде“, „Национална класа“, „Сечаш ли се Доли Бел“, „Буре барут“, „Татко на службен пат“… За него следува посебна приказна. Песната „Сајбија“ е неверојатна, прогласена е за една од десетте најдобри филмски песни воопшто, а текстот e оној што тe разбива на делови, па полека додека сѐ уште си под импресија те пресоздава повторно, но малку поразличен, потажен. Текстот го напишал самиот Шабан Бајрамовиќ. Најпрво да ја довршиме приказната од осумдесеттите, која иде некако вака. Бајрам и Рамизе беа Роми од скопско Злокуќани. Живееја еден обичен живот, во куќа од картони споени со готови делови од стари бараки, во голема сиромаштија. Тој собираше стара хартија и ја продаваше, а таа се грижеше за децата. Имаа четири деца. Најстариот Орхан, близнаците Санела и Езерџан и најмалата Амела. Од сите тие Бајрам – таткото, најмногу го сакаше близнакот Езерџан. Некаде на три години Езерџан се разболе, никој не знаеше што му е, ни доктори ни локалниот да го наречам врач. Одеа на неколку места во таа поранешна заедничка земја, но лек не најдоа. Една вечер на Бајрам во сон му дошол ангелот чувар – сајбија, и му рекол дека треба да заколе овца и главата да ја закопа во темел. Ај некако ќе се снајде за пари за овца, ама од каде пари за темел, за куќа да гради. И што направил. Го продал најстариот син на некои Роми што живееја во Јужноафриканската Република (ЈАР), без да ги праша жена му и децата. Со тие пари купил овен и го ставил во темел и започнал да гради куќа. Но на Езерџан никако здравјето да му оди на подобро. Мислел дека за да се оствари предвидувањето на сајбијата треба да продолжи да ја гради куќата. Е арно ама, од каде пари. Ја продал и близначката Санела. А таа толку била приврзана за мајка ѝ и не сакала да си оди. Војна кај нив дома, ама џабе, парите се земени. Си оди и Санела. По кратко време Санела починува, а мајка ѝ Рамизе кога дознала паднала болна и за кратко време починала. Знаете, некои луѓе ќе направат сѐ, ама апсолутно сѐ во одреден момент за она што тие мислат дека е битно.
Не размислуваат воопшто, поривот ги води. А поривот за Бајрам беше неговиот сакан син Езерџан. За другите воопшто не му беше гајле. Има приказна за едно африканско племе каде што синот прави некоја беља и таткото во момент на бес го претепува синот до смрт. Во тој бес тој не знае што прави. За кратко време се освестува, ама џабе, синот веќе го нема. Џабе е по сѐ. Куќата се гради, ама Езерџан никако да биде подобар. Во странство имало некој доктор што бил експерт за болеста на Езерџан. И што прави таткото, ја продава најмалата Анела. Со тие пари оди кај докторот. По некое време Езерџан закрепнува. Велат дека светот никому не му должи ништо, но фамилијата, а најмногу таткото и мајката му должат на своето семејство сѐ, особено на децата. Колкава цена ќе се плати за да се постигне целта е големо прашање. Бајрам гледа дека син му е подобар и среќен, но некаде длабоко во себе го јаде потсвеста за сѐ што им направил на другите од семејството. Воопшто не се трезни, целосно забегува ментално, за на крајот така пијан да биде удрен од воз. Езерџан останува сам во тинејџерска возраст. Се мачи самиот, го наследува занаетот на татко му и повеќе е пијан отколку трезен. Живее сам во новата куќа. Поради болеста е ситен и слабичок, познат е дека не зборува многу и не е нешто омилен во маалото, велат имал аура во лоши бои. Најстариот син Орхан по многу години доаѓа од Австралија во Скопје, накратко. Се гледаат со брат му и за поклон му дава плочи од Сиксто Родригез – Шугармен, кој е Американец, но беше екстремно популарен во Јужноафриканската Република (ЈАР). Езерџан купил нов грамофон, ја облепил куќата со постери од Шугармен (имало неверојатно физичка сличност помеѓу Шугармен и Езерџан, па дури почнал да се носи како него) и цело време пуштал негова музика. Комшиите почнале ептен чудно да го гледаат, мислам во маало каде што ромската музика на еден Рамко, Ахмет, Демировиќ се главни да слушаш таква американска музика, и тоа на англиски, е надвор од памет. Кога го прашале кој е тој што пее и свири им рекол дека е Шугармен, е арно ама, Ромите комшии го разбрале тоа како некаков тип шуга и од тогаш го добил прекарот Шугавиот. Јас одев чат-пат кај него во двор, всушност тој ме навлече на музиката и текстовите на Шугармен. Ќе седневме во дворчето и по сто пати ќе ги вртевме на грамофон плочите на Шугармен. Еден ден Езерџан го снема, едноставно се изгуби. Куќата стоеше така празна, постерите одамна се искинати, побледени едноставно се испусти тоа огниште. Некои велат дека отишол во ЈАР, не работел ништо, само ќе седнел во некое кафуле или бар и затоа што многу личел на Шугармен добивал бесплатно јадење и пиење. Некои велат дека и него го згазил воз, а некои дека отишол да живее кај неговата најмала сестра Амела. Никој не знае дали сајбијата сѐ уште чекори во него.
И сега што е попрво, приказната за Бајрам или песната на Шабан Бајрамовиќ. А Шабан е невидена легенда, кум на ромската соул-музика. Надвор од времето. Неговиот глас, неговите песни, неговиот стил, златните заби и огромното количество емоции што ги даваше го прават него најголем ромски уметник воопшто. Прогласен е за крал на пеењето, неговатa изведба на „Џелем џелем“ е неверојатно, а таа песна се смета за химна на Ромите. Издал околу 25 албуми во кои се наоѓаат „Марушка“, „Барбара“, „Џели мара по вашари“, „Леле, леле“, „Барвал прудеја чаје“, „Камерав Камерав“, „Дуј, дуј“, „Ориентал блуз“… Ако господ ја создал емоцијата, Шабан ја испеал. Сум го гледал двапати во живо во Скопје заедно со Иљми, син му на Ферус. Леле концерт, на тие концерти ме купи за цел живот. Шабан одамна е починат, но неговите песни остануваат. Понекогаш се прашувам, дали ако станам Ром ќе можам да пеам толку божествено како него. Прашањето е само како се станува Ром, дали со стекнато право преку раѓање во ромска фамилија или, пак, треба да имаш таква прекрасна душа.
Текстот на „Сајбија“:
„Мојата сопруга е болна, како и мојот мал син. Нема лек за нив, го видов тоа во сон. Што да правам сиромав, каде да најдам лек? Што да правам сиромашен, каде да барам пари? Но, ми дојде во сонот слатка сајбија. Ми рече да ги заколам овците. И овча глава да закопам близу до темелите, овча глава да закопам близу до темелите. Ќе ги продадам децата, ќе ги земам парите. Слушаш ли, сине мој, зијафет да направам. Не плачи, сине мој, слушај го татко ти. Кога ќе помине годината, ќе се вратиш дома“.
Љупчо Давчев

































