Заштеда со едноставен трик
За да го намалите количеството на потрошена храна, користете фенгшуи-техники за подобро да го организирате вашиот фрижидер Модерните фрижидери се дизајнирани така што на самото дно имаат контејнер за овошје и зеленчук, а долните полици ги одржуваат поладни, поради што ставаме расиплива храна на нив. Научниците сега тврдат дека тоа е голема грешка во дизајнот, која троши огромни количества храна.
– Фрижидерот не е дизајниран во согласност со човечкото однесување. Нашиот ум има ограничен капацитет, што значи дека функционира на таков начин што не го согледува она што често не го гледа. Значи, ако не видам нешто, ќе заборавам, а тоа води до фрлање храна – истакнува научникот од Универзитетот во Британска Колумбија, Џиајинг Жао.
Тој носи и практично решение: употреба на фенгшуи-техники за сортирање храна во фрижидер.
Како што објасни тој во говорот на ТЕД годинава, ова значи пренасочување на вашето внимание за да ја распоредите храната така што најчувствителните намирници ќе бидат највидливи.
– Можеби изгледа како мала работа, но доказите од науката за однесувањето покажуваат дека некои од најмалите промени имаат најголемо влијание – вели тој.
Соединетите Американски Држави фрлаат околу една третина од храната што ја произведуваат. Како што растат цените на намирниците, отпадот од храна станува сѐ поголем финансиски товар за американските домаќинства.
Но, тоа е исто така огромен товар за животната средина: отпадот од храна придонесува за 8 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови, според американската агенција за заштита на животната средина, што го прави повеќе од двојно поштетен за климата од авионската индустрија.