При опасност, возрасните птици се преправаат дека се повредени и постепено се оддалечуваат од гнездото. За тоа време младенчињата се припиваат до земјата или се кријат меѓу мочуришните растенија

Занимливости

Сабјарката е блатна птица, односно птица што живее во мочурлив предел и крајбрежја, распространета е во умерените делови на Европа, како и во западните и централните делови на Азија. Оваа птица е преселничка, која зимува во Африка или во јужните делови на Азија, но некои од овие птици зимуваат и во потоплите делови од Европа, на пример во јужниот дел на Шпанија или јужна Англија. Оваа птица е постојан жител и во Македонија, односно околу Дојранско Езеро.
Таа е впечатлива бела птица со црни дамки. Возрасните имаат бели пердуви, освен црната капа на главата и црните дамки по крилјата и грбот. Имаат долг, нагоре свиткан клун и долги синкави нозе. Долги се приближно 16,5-17,75 см, од кои клунот е околу 2,95-3,35 см, а нозете околу 3-4 см. Распонот на крилјата им е 30-31,5 см. Мажјаците и женките се слични. Младенчињата личат на возрасните, но имаат повеќе сивкасти тонови. Повикот на сабјарката се разнесува надалеку и е течно мелодично кли-и-кли.
Живее во колонии, обично меѓу 10 и 70 двојки, а при преселба се собираат и по неколку илјади во јато. Живее крај солени води, а поретко крај слатководни езера и устија. Овие птици имаат специфичен и единствен начин на исхрана, пасејќи по дното на мочуриштето, често движејќи го клунот лево-десно, како да коси. Најмногу јадат ракчиња и инсекти.

Автор – Ричард Кросли

Двојките се формираат за вгнездување брзо по пристигнувањето од преселбата. По краток период на парење, двојките одлучуваат да го изградат гнездото, кое обично се наоѓа во близина на вода, на песок, врз ретки растенија или исушена тиња. Секогаш избира отворен простор, без густа вегетација. Обично гнездото е мала дупка во земјата, обрабено со гранчиња, без обложување (гнездо) или, пак, може да биде во вид на могила, ако местото е повлажно и да се крене на висина од 7 до 10 см од земјата. Се гнездат во мали колонии и со други птици. Женката несе 3-4 окер или маслинастозелени јајца со црни дамки. И двата родитела ги инкубираат во период од 23 до 25 дена. Младенчињата добиваат пердуви по 35-42 дена, по што почнуваат да летаат и се осамостојуваат. При опасност двете возрасни птици се преправаат дека се повредени и постепено се оддалечуваат од гнездото. За тоа време младенчињата се припиваат до земјата или се кријат меѓу мочуришните растенија. Максимална позната возраст на сабјарката регистрирана во Европа, поточно во Холандија, е 27 години и 10 месеци.
Во Велика Британија во 1840 година овој вид беше изумрен, но во 1947 година повторно е успешно населен. Сабјарката е еден од видовите на кои се однесува договорот за заштита на африканско-евроазиските водени птици преселници. Д.Ст.

Автор – БС Турнер Хоф