Саат-кулата повторно доминира во централното градско јадро

Со последната реконструкција што ја направи Националниот конзерваторски центар на Гостивар, Саат-кулата доби нов третман, со што на објектот повторно му се овозможи да оживее и да биде центар на случувања во градот. Во позитивна смисла на зборот, сликата се дополни со осветлувањето на целиот објект, на сите страни, што му дава посебна убавина

На стотина метри северно од монументалната црква „Св. Богородица“, изградена во спомен и чест на Мајката Божја, препознатлив симбол на Гостивар, на градскиот плоштад, е сместена Саат-кулата, која се извишува, доминира во централното градско јадро, доминира на просторот и со векови претставува белег на градот. Ова го потврдиле и документите пронајдени во 1834 година при реновирањето на објектот. Над влезната врата била поставена изгравирана камена плоча со османлиско писмо (постои и денес) на која пишува: „Ја изградил Исмаил Ага, син на Хаџи Јусуф“.
Кога Саат-кулата била изградена, сите градски објекти биле пониски, а таа била доминантна, како организациски фактор. На почетокот биле поставени мал механички часовник и камбана. Со звуците што ги емитувал часовникот населението секогаш се информирало за точното време. Со реконструкцијата на дел на кулата, извршена во 1982 година од Заводот за заштита на културното наследство на Македонија, беше извршен преплет на елементи на византиско-исламската архитектура.
Горниот дел на Саат-кулата (купола) во Втората светска војна, каде што биле монтирани часовникот и камбаната, бил урнат, а часовникот иако оштетен, бил зачуван. Тој не бил во функција, не работел, биле искршени неколку дела. За повторно да профункционира, оштетените делови требало да се заменат со нови, оригинални. Одборот за реконструкција на куполата на Саат-кулата го однел часовникот на поправка во Битола, кај познат саатчија. Минувале месеци, години, саатчијата ги известувал дека од повеќе места на Балканот барал оригинални делови, но не успевал да ги најде и така му се загубила секаква трага, се сеќаваат некои од лицата сведоци што биле членови на одборот и биле ангажирани оваа одговорна задача успешно да ја реализираат.

Основата на Саат-кулата е во форма на квадрат, со димензии 5,60 х 5,60 метри, изградена со делкан камен, поврзан со фуги од варовник, за стабилност и за естетски изглед. На југозападната страна на Саат-кулата се наоѓа влезната врата, а од еден мал отвор во средината се поставени дрвени скали, кои овозможуваат преминување на шест нивоа на објектот. Осветлувањето на внатрешниот дел на просторот, проектантот и изведувач го решил со изградба на по еден прозорец на секој втор кат на кулата.
Четирите форми на кулата се високи 6,8 метри, се трансформираат во триаголно тело и се постигнува височина од 13,30 метри што завршува со мал квадрат. Над камената осумаголна призма стоел часовникот.
Со последната реконструкција, која ја направи Националниот конзерваторски центар на Гостивар, Саат-кулата доби нов третман, со што на објектот повторно му се овозможи да оживее и да биде центар на случувања во градот. Во позитивна смисла на зборот, сликата се дополни со осветлувањето на целиот објект, на сите страни, што му дава посебна убавина.

Фотографија од Саат-кулата на почетокот на минатиот век

Цветко Новковски, директор на националната установа Конзерваторски центар-Гостивар, нѐ информира дека по целосната реконструкција на Саат-кулата, се создадоа одлични и мошне атрактивни и уникатни услови за одржување културни манифестации, литературни читања, работилници по архитектура на учениците и студентите, за идните архитекти. Интересот на учениците и студентите од цела Македонија за овие работилници за идни архитекти е голем, а Саат-кулата ја посетуваат и други заинтересирани од соседните држави. Значајно е тоа што, како што ни говореше Цветко Новковски, директор на оваа институција, во последниве години интерес за посета на овој атрактивен објект покажуваат и туристи од нашата држава и од странство. Иако искачувањето е напорно, како што ни изјавија посетителите, задоволството е извонредно, од голема височина од сите страни го надгледуваат Гостивар со планините што го опкружуваат и Горнополошкото Поле. Со уредувањето на Саат-кулата градот Гостивар доби атрактивен туристички објект, кој на гостите и туристите им овозможува времето на престојот максимално да го користат и градот да го напуштат задоволни од престојот, со ветување дека повторно ќе дојдат да ја почувствуваат природата.

Текст и фото: Киро Кипроски