Големиот автор на руската и светската литература Антон Чехов не бил свесен за својата дарба за време на својот живот и знаел да каже дека медицината му е законска сопруга, а литературата негова љубовница. Неговата струка како доктор и занимавањето со природните науки му биле многу важни. Во едно писмо тој изјавил дека неговата литература би изгледала сосема поинаку доколку го немал тој специфичен поглед на светот. Пред да ја добие наградата „Пушкин“, тој воопшто не се гледал себеси како писател. Пишувал за да заработи дополнителни пари, да му помогне финансиски на семејството. И воопшто не бил свесен за својот талент.
Имено, Чехов бил многу посветен на својата лекарска професија. Дури и кога бил тешко болен, кога лежел во Јалта, примал пациенти и се занимавал со администрација во клиниката. Го нарекувале татко на сиромашните, бесплатно прегледувал илјадници луѓе годишно, дури и им купувал лекови. Ја посетил затворската болница на Сахалин, ја подобрил, влијаел да се формира болница за кожни болести во Москва, како и лабораторија за биолошки истражувања на Крим.
Сепак, светот го познава овој писател како еден од највлијателните автори во светската литература и драма, не само во текот на 20 туку и во 21 век, очигледно. Тој практично го подготвува теренот за модерната литература на 20 век и во двата жанра, и во проза и во драма. Тој е исто толку актуелен и денес како што бил во времето кога пишувал. Чехов е и најизведуваниот руски автор кога се во прашање драмите. За разлика од неговите претходници, кои пишувале големи романи, решил непретенциозно да го покаже својот поглед на светот, главно меланхоличен и со резигнација.