Руските власти на своите граѓани им нудат бесплатно земјиште на Арктикот, охрабрувајќи ги да ги искористат климатските промени, пишува британски „Телеграф“.
Климатските промени поттикнаа трансформација на животот на далечниот исток и северот на Русија. Тој поларен регион се загрева двојно побрзо од остатокот од светот, па топењето на мразот отвора нови можности на граѓаните за развој на екотуризмот и малите и средни претпријатија.
Илјадници Руси поднеле барање за милион хектари тековно достапно земјиште. Како што се зголемуваат температурите, земјата станува подостапна и се нудат многу можности.
Научниците проценуваат дека огромни делови од вечниот мраз во северна Русија се изложени на ризик од брзо топење, а мочуриштата и езерата растат како печурки во регионот.
– Арктикот е поинаков. Има места за еколошка рекреација, на пример, во Карелија и регионот Мурманск, за туризам и развој на мали и средни претпријатија – рече Алексеј Чекунков, министер за развој на далечниот исток.
Екотуризмот стана двигател на туристичката индустрија во Русија па според експертите има потенцијал да стане еден од лидерите во светот.
– Еколошките форми на туризам се развиваат многу динамично, бележиме годишен раст меѓу 25 и 30 проценти. Се зголемува бројот на љубители на екотуризмот, а туристите се помлади. Огромен е бројот на млади кои сакаат да одат на природа. Тие дури претпочитаат ваков тип на рекреација отколку патување во тропските предели – изјави директорката на Федералната агенција за туризам на Русија, Зарина Догузова.
Се создаваат нови патеки во природните резервати и националните паркови со цел да се зачува животната средина и да се привлечат повеќе посетители.
Според новата шема, парцелите се достапни во регионот Мурманск, автономниот округ Ненец, автономниот округ Јамало-Ненец, Република Карелија, Република Коми и регионот Архангелск.
Најбараните парцели се во регионот Мурманск, за кои апликација поднеле повеќе од 2.400 руски граѓани, а потоа во регионот Архангелск, за кој се заинтересирани 883 лица.