Фото: Кунитеру Утагава

Постои легенда за четириесет и седумте ронини што била популаризирана со голем број претстави, вклучувајќи и во жанровите бунраку и кабуки. Поради законите за цензура на шогунатот во ерата на Генроку, кои забранувале прикажување на тековните настани, имињата биле сменети. Одмаздата на ронините за првпат била запишана во доцниот 18 век, кога Исак Тисинг за првпат ја забележал приказната за четириесет и седумте ронини како еден од значајните настани од ерата на Генроку

Занимливости

Во феудална Јапонија (1185 – 1868), ронинот бил самурај што немал господар, а во некои примери самурај што ги прекинал сите врски со фамилијата или кланот. Самурајот станувал ронин по смртта на својот господар или по губењето на наклонетоста на неговиот господар. Зборот ронин најчесто се преведува како скитник (талкач), во смисла човек што не се задржува долго на едно место, некој што го наоѓа патот без да припаѓа на едно место. Но зборот ронин може да се преведе и како „брановиден“ или „невоздржан“ човек. Изразот настанал во историските периоди нара и хејан, а тогаш се однесувал за закрепостен селанец што побегнал или ја напуштил земјата на својот господар. Во подоцнежниот период со терминот ронин започнале да се означуваат оние самураи што немале господари (оттука и потекнува изразот брановиден човек, човек без општествен статус).

Ронините служеле како платеници на бандите

Според Кодексот на воинот (Бушидо), самурајот требало да изврши сепуку (исто така харакири, сечење на стомакот, форма на ритуално самоубиство) по загубата на својот господар. Оној што ќе одлучел да не го почитува кодот бил оставан сам на себеси и требало да претрпи голем срам. Непожелноста на ронинот била дискриминација наметната од другите самураи и господарите. Како и другите самураи, ронинот носел два меча, а честопати користел и други оружја.
Во периодот едо, кога веќе се оформил крут класен систем, а во сила биле законите и поредокот на шогунот, бројот на ронините значајно се зголемил. Постојат неколку причини за тоа, од една страна оние што биле поразени од Ијејасу Токугава (обединувачот на Јапонија) ги изгубиле своите поседи и замоци, а од друга страна завладеал мир и значењето на самураите сѐ повеќе се намалувало, бидејќи периодот на војна завршил. Во периодот едо исто така на самураите им било забрането да преминат кај друг господар без дозвола од нивниот претходен господар.
Бидејќи поранешните самураи не можеле легално да се занимаваат со нова професија, било строго забрането преминувањето од една класа во друга, многумина ронини барале друг начини за заработат за живот со своите мечеви. Многу ронини станаа криминалци, работејќи како бандити, или им се приклучиле на криминалните организации во градовите. Честопати ронините служеле како платеници на бандите што управувале со коцкарниците или слични активности. Постепено, насилството и криминалот станале синоним за ронините. По укинувањето на самураите, некои од ронините продолжиле со својата насилничка активност и платеништво, како што е учеството во злогласниот атентат на корејската царица Мијонгсеонг од династијата Чосеон во 1895 година.

Автор – Кунисада Утагава 2

Одмаздата на четириесет и седумте ронини

Одмаздата на четириесет и седумте ронини е историски настан во Јапонија, кога група ронини се одмаздиле за смртта на поранешниот господар на 31 јануари 1703 година. Инцидентот станал легендарен и е еден од трите главни инциденти на одмаздата во феудална Јапонија, заедно со одмаздата на браќата Сога и одмаздата на Игаго. Според историските податоци, група самураи по смртта на нивниот господар Асано Наганори, кој бил принуден да изврши сепуку (ритуално самоубиство) поради сплетките на друг господар познат како Кира Јошинака, решиле да се одмаздат. Својата одмазда внимателно ја планирале и не дејствувале веднаш. Чекале една година и на крајот успеале да го убијат Кира Јошинака. Според законите на шогунатот, оваа постапка била казнива со смрт, меѓутоа поради јавната поддршка на нивниот чин, шогунот на ронините им дозволил ритуално самоубиство, со што си ја зачувале честа.
Оваа историска приказна била популарна во јапонската култура како симбол на лојалноста, пожртвуваноста, упорноста и честа (принципи на самураите) што луѓето треба да ги почитуваат во својот секојдневен живот. Популарноста на приказната особено порасна за време на ерата меиџи, кога Јапонија беше подложена на брза модернизација, а легендата стана вкоренета во дискурсите за националното наследство и идентитет.
Легендата за четириесет и седумте ронини била популаризирана со голем број претстави, вклучувајќи и во жанровите бунраку и кабуки. Поради законите за цензура на шогунатот во ерата на Генроку, кои забранувале прикажување на тековните настани, имињата биле сменети. Одмаздата на ронините за првпат била запишана во доцниот 18 век, кога Исак Тисинг за првпат ја забележал приказната за четириесет и седумте ронини како еден од значајните настани од ерата на Генроку. Приказната за четириесет и седумте ронин и понатаму е популарна во Јапонија, а секоја година на 14 декември, во храмот „Сенгакуџи“ (каде што се погребани Асано Наганори и ронините), се одржува фестивал во нивна чест. Д.Ст.

Фото: Кунисада Утагава