Фото: Пекселс

Нарушувањето наречено дефицит на внимание/хиперактивност (АДХД) е невро-развојно нарушување, состојба што влијае на правилниот раст и развој на мозокот. Општо земено, симптомите на АДХД се појавуваат во детството и може да траат до зрелоста. Но, овие симптоми може и да се променат како што детето старее, пишува „Хелт“.

Симптомите на АДХД се вклопуваат во три главни категории: доминантно невнимание, доминантни хиперактивност и импулсивност и комбинирана. Децата со АДХД може да доживеат симптоми само во една категорија. Сепак, во одредени исклучоци и кај возрасните, се јавуваат симптоми во повеќе од една категорија. Категориите на симптоми на АДХД помагаат да се постават темелите за трите главни типа на АДХД. Видот на АДХД кај вас или вашето дете зависи од најдоминантниот (најсилен) симптом. Овие типови вклучуваат:

1. Доминантно невнимание АДХД
2. Диминантни хиперактивност и импулсивност АДХД
3. Комбиниран АДХД

Симптомите на АДХД влијаат на тоа како една личност размислува, се однесува и ги изразува своите емоции. Поради ова, АДХД може да влијае на многу области од животот на луѓето, како што се нивните перформанси во училиште или на работа, однесувањето во емотивна врска и нивната способност да ги извршуваат секојдневните задачи.

Нормално е луѓето од време на време да имаат моменти на невнимание, хиперактивност и импулсивност. Но, во случај на АДХД, овие симптоми траат повеќе од шест месеци.

Вообичаени симптоми

Иако постојат три основни типа на АДХД, сите три типа споделуваат некои заеднички симптоми. Општо земено, малите деца може да покажат еден или повеќе од следниве знаци: проблеми со слушање или следење на упатствата, немир или нервоза со рацете и нозете, претерано зборување, тешкотии во вниманието за детали, неспособност за завршување проекти, задолженија или домашни задачи.

Хиперактивноста и импулсивноста обично се појавуваат на возраст од четири години. Иако импулсивноста го достигнува својот врв околу седмата или осмата година, овие симптоми може да траат во текот на цел живот. Сепак, симптомите на хиперактивност почнуваат да стануваат помалку забележливи кај адолесцентите.

Луѓето кои добиваат дијагноза за комбиниран АДХД имаат симптоми од другите две категории. Обично, луѓето кои живеат со комбиниран АДХД имаат подеднакво застапен број на симптоми од двата типа.

Освен комбинацијата од симптоми специфични за двата типа на АДХД, луѓето со комбиниран АДХД може да имаат проблем да го достигнат својот целосен потенцијал на училиште или на работа и да имаат потешкотии да се дружат или да одржуваат значајни врски.

За да се добие точна дијагноза за комбиниран АДХД, симптомите од двата типа на АДХД мора да бидат присутни најмалку шест месеци.

Симптоми кај возрасни

Иако симптомите првпат се појавуваат во детството и адолесценцијата, возрасните исто така може да имаат АДХД додека преминуваат од тинејџерски години во рана и средна зрелост. Некои студии покажуваат дека луѓето можат да развијат симптоми на АДХД и за време на зрелоста, но потребни се повеќе истражувања за да се разбере зошто тоа се случува.

Кај возрасните се појавуваат истите три типа на АДХД како и децата, но симптомите од секој тип понекогаш може да изгледаат различно како што стареете. На пример, возрасните со недијагностициран АДХД може да имаат потешкотии да одржат стабилна работа бидејќи им е тешко да станат наутро или да одат на работа навреме. Луѓето со симптоми на хиперактивно АДХД може да се обидат да завршат неколку задачи во исто време, што често може да резултира со неуспешни резултати. Оние со доминантно невнимание АДХД може да заборават да платат сметки или да изгубат важни документи и предмети.

Слично како кај децата и тинејџерите, симптомите на АДХД кај возрасните често може да создаваат проблеми во односите, работниот живот и личната благосостојба. Овие симптоми може да станат сѐ потешки како што стареете, бидејќи секојдневните задачи и животните барања во зрелоста се зголемуваат.

Разлики во симптомите кај мажите и жените

АДХД почесто била дијагностицирана кај момчињата отколку кај девојчињата. Меѓутоа, треба да се има предвид дека истражувањата за АДХД се претежно спроведувани кај момчиња. Инаку, тие тежнеат да имаат симптоми на хиперактивност, додека девојчињата повеќе покажуваат знаци на инертност. Во моментов, момчињата ја добиваат оваа дијагноза многу почесто од девојчињата. Сепак, не заборавајте: ова не значи дека момчињата имаат поголема веројатност да добијат АДХД.

Кога да се обратите до  стручни лица

Нормално е да се покажува невнимание, импулсивност или хиперактивност од време на време. Меѓутоа, во случај на АДХД, овие однесувања се често потешки, се појавуваат почесто и може да имаат негативен ефект врз секојдневните задачи, како и врз квалитетот на вашиот или животот на вашето дете.

АДХД се смета за хронично нарушување. Како и кај секоја друга хронична состојба, раната дијагноза и третман може да помогнат во контролирањето со симптомите. Доколку сте забележале дека вие или вашето дете можеби покажувате симптоми на АДХД, би требало да го посетите вашиот матичен лекар или педијатарот на вашето дете. Тие можат да ве упатат кај психолог или психијатар, кои ќе ви помогнат во однос на дијагнозата и третманот.