Илинденски денови – Битола
Под ѕвездите на Пелистер, крај езерото во Ротино, се сретнаа љубовта, смеата и јазикот на Карло Голдони во прекрасната комедија, претставата „Рибарски караници“, во режија на Јован Ристовски. Премиерата, која беше одиграна во рамките на фестивалот „Илинденски денови“, создаде вистинска симбиоза меѓу актерите и публиката, на која очигледно ѝ недостигала претстава во автентична атмосфера, под отворено небо.
– Ова е храбра претстава, а како театарски жанр е комедија и сатира во некои сцени. Без разлика што се случува меѓу нив, ликовите на крајот наоѓаат меѓусебно човечко разбирање, кое треба да покаже дека меѓу народот недостасуваат љубовта и емпатијата – рече Ристовски.
Публиката до солзи ја насмеаја: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска… Драматург е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а композитор на музиката е Александар Димовски. Режисерот заедно со актерите го направи препевот на овој текст во кој се зборува на дијалекти од западна, источна, југозападна Македонија. Битолскиот театар со поддршка од Општина Битола го реконструираше и патот што води до езерото, туристичка атракција каде што првпат се одигра театарска претстава, што е уште еден доказ дека театарот го менува светот.