Близначките Мили и Марша од Бирмингем се редок феномен – на 11 години едната има светла, а другата темна боја на кожата иако кога се родиле имале иста боја. Марша сега има бела кожа, сини очи и руса коса, како нивната бела мајка, додека Мили има темна кожа, кафеави очи и црна коса и изгледа како нејзиниот татко, кој е од Јамајка.
Овие девојки, кои ја раскажаа својата извонредна приказна за „Нешнал џиографик“, веќе се свесни што значи расизам и секојдневно се соочуваат со прашањето „дали се навистина близначки“.
Нивните родители велат дека не им било грижа за туѓите мислења кога влегле во врска и дека тоа е она по што се воделе кога се решиле да имаат деца. При раѓањето немало голема разлика меѓу девојчињата, бидејќи имале слична боја на кожата, но по 10 месеци бојата на нивната кожа почнала да се менува.
– Промената прво беше забележана кај Мили. Нејзината кожа стануваше сè потемна, но тоа никогаш не нè загрижуваше, едноставно го прифативме тоа. Каде и да се појавеа, тие го привлекуваа вниманието, бидејќи луѓето беа љубопитни дека девојчињата се различни и честопати не веруваа дека се близначки – вели таткото на близначките Мајкл Бигс.
Инаку, неидентичните близнаци се раѓаат кога два сперматозоида оплодуваат две различни јајце-клетки, поради што девојчињата изгледаат како кој било родител, а не како класични близнаци. Во мешаните бракови изгледот на децата е под влијание на голем број фактори, како што се предците на родителите, сложената генетика на пигментите и други.
– Повеќето луѓе мислат дека сме најдобри другарки. Кога им кажуваме дека сме родени една по друга, тие се шокираат бидејќи имаме различна боја на кожата – објасни Марша.
Кога ќе ги прашаат што ги прави различни, девојките не зборуваат за различната боја на кожата и очите, туку за различните стилови на облекување и за омилените бои.