Летната програма на фестивалот „Крик“, под наслов „Преобразба“, се заокружува со изложбата „Парадоксот на Грејсленд: Парадоксот на Грејсленд: навигирајќи ја неизвесноста“, курирана од грчката кураторка Лидија Хацијакову (Солун), чија работа гравитира околу улогата на уметноста како општествена алатка, релацијата помеѓу уметноста и технологијата, уметноста и екологијата, уметноста и занаетите…
Изложбата ќе биде отворена на 25 јуни (среда) во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопјe и ќе трае до 17 август. Во „Парадоксот на Грејсленд“, уметниците Фани Будуроглу, Ранија Емануилиду и Лиа Псома се осврнуваат на испреплетените кризи од климатскиот колапс, раселувањето и технолошко-социјалното отуѓување како симптоми на доцниот капитализам.
Хибридни фигури и пејзажи помеѓу пропастот и обновата
– Нивните хибридни фигури и пејзажи се движат помеѓу пропастот и обновата, потсетуваат и на последиците од катастрофата и на можноста за пофер и инклузивна иднина. Направени од биопластика, глина, кристализирана хартија и ризоми, нивните дела ги доведуваат во прашање бинарностите помеѓу човекот и нечовечкото, природата и машината, отпорот и контролата. Уметникот Билал
Јилмаз е гостин, кој го проширува ова истражување низ призмата на политичка акција и опсервација, поканувајќи ги гледачите да му се спротивстават на приливот на манипулирани медиуми и да ги прифатат сликите и дејностите што инспирираат вистинска промена. Во центарот на изложбата е ставена „Лабораторијата“, која го отвора креативниот процес на уметниците – активен простор за замислување нови форми, нови материјали и алтернативни иднини. Тука експериментирањето станува форма на отпор, а самото уметничко дело станува жив двигател на трансформација. Западната научна парадигма можеби ни овозможи да го разбереме светот како систем од специјализирани области на знаење на начин што овозможи рационализација, специјализација и раст; во исто време, сепак, тоа нè наведе и да ги занемариме меѓусебните врски меѓу луѓето, општествата и екосистемите – велат организаторите на фестивалот.
Спротивно на тоа, Фани Будуроглу, Ранија Емануилиду и Лиа Псома не нагласуваат и одвојуваат, ниту му даваат приоритет на еден симптом пред друг. Човечките, нечовечките и хибридните фигури во нивните дела живеат во недефинирани услови – можеби во контекст во кој се видливи последиците од некоја катастрофа или, пак, во контекст во кој се наѕира можноста за спекулативна, поизбалансирана иднина – поттикнувајќи ги гледачите да размислуваат за причините, последиците и можностите.
Процесот на идентификување на овие состојби станува, едновремено, и процес на размислување и реализација за капиталистичкиот ќор-сокак, додека изложбата како целина станува вежба на имагинацијата за можни – дистописки или утописки – иднини. Оваа спекулативна димензија е дополнително дополнета и проширена од уметникот Билал Јилмаз, поканет да се придружи на изложбата во Скопјe. Неговото дело се потпира на акутните мобилизации низ целиот свет, вклучувајќи ги и оние во Македонија, каде што луѓето излегоа на улиците за да протестираат.
По курираното водење низ изложбата, следува кратка дискусија со уметниците, придружени од Владимир Јанчевски (куратор, МСУ-Скопје), Ана Микоњати
(кураторка, Национален музеј на современа уметност, Атина) и Тули Мисироглу (уметничка директорка, МоМУС), модерирана од кураторката Лидија Хацијакову. Изложбата е поддржана од Метрополитенската организација на музеи на визуелни уметности на Солун, Министерството за култура и туризам на Македонија и Амбасадата на Република Грција во Скопје.
Фестивалот за критичка култура е финансиски поддржан од програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“, институтот „Гете“, Министерството за култура и туризам на Македонија и програмата „Креативна Европа“ на Европската комисија, финансирана од Европската Унија.
За уметниците
Фани Боудоуроглу е визуелна уметница, која активно се изразува преку современите медиуми и инсталациската уметност. Работејќи низ различни медиуми, таа се фокусира на односите меѓу уметноста, технологијата, науката, природата и општеството и истражува теми како што е интеракцијата помеѓу човекот и машините. Дел од нејзиното уметничко истражување реализира во дијалог со публиката, затоа нејзината работа вклучува работилници, предавања и интердисциплинарни образовни програми.
Ранија Емануилиду е мултидисциплинарна визуелна уметница, чија уметничка практика вклучува сликарство, скулптура, видео и инсталации. Студирала сликарство на Одделот за применети и визуелни уметности на Факултетот за ликовни уметности при Аристотеловиот универзитет во Солун. Реализирала седум самостојни изложби и учествувала на групни изложби во Грција и во странство.
Лиа Псома е визуелна уметница чија порака опфаќа широк спектар на материјали, вклучувајќи цртеж, видео, хартија, а во поново време и одржливи медиуми, како што се кристалните интерфејси со хартија. Преку овие медиуми, таа ја истражува интеракцијата помеѓу архетипот, просторот и времето. Завршила постдипломски студии по визуелна комуникација и анимација во Хамбург (2005–2007). Своите дела ги презентирала на самостојни и групни изложби во Грција и во странство.
Билал Јилмаз е интердисциплинарен уметник со седиште во Истанбул. Тој главно користи експериментални производствени методи, кои комбинираат уметност, дизајн, инженерство и занаетчиство, за да ги трансформира своите уметнички истражувања во инсталации – честопати користејќи движење, светлина, сенка и звук – и социјално ангажирани проекти.
Лидија Хацијакову е независна кураторка и уметничка координаторка со седиште во Солун и во Истанбул. Таа работи во областа на современата уметност и култура повеќе од 20 години, во кои била вклучена преку концептуализирање и имплементирање проекти од различни формати (изложби, конференции, работилници и фестивали, физички, дигитални и хибридни), почнувајќи од уметничко производство базирано на објекти до социјално ангажирани рамки; и соработувала со безброј уметници, куратори и институции од приватниот и јавниот сектор во Грција, Турција, Европа и Блискиот Исток.