Фото: Приватна архива

Членовите на „Реквием бенд“ пресекоа, големиот славенички концерт со кој ќе одбележат 30 години кариера ќе се одржи на 21 ноември во клубот „Рулет“ во Скопје. Велат ништо не е случајно, но што се крие зад оваа посебна дата за нив?

– За сите кои постојано не прашуваат кога и каде ќе се одржи нашиот славенички концерт по повод три децении музичка кариера, еве ќе откриеме. Свирката ќе се случи на 21 ноември, петок, со почеток во 20 часот во клубот „Рулет“,каде што и почнавме да настапуваме пред публика пред 30 години. Тој ден православните верници го прославуваат свети Арахангел Михаил, а на таа дата, во 1993 година е отворен клубот „Дал мет фу“, култното скопско собиралиште на нашиот голем пријател и подджувач Љупчо Николовски-Фуфо. Во клубот „Бистро“ што тој го држеше три години соработувавме со најпознатите екс-ЈУ ѕвезди, а тоа за нас е скапоцено искуство. Ја каниме цела наша стара и нова публика да дојде, а ако има интерес ќе одржиме и повеќе концерти – вели лидерот на бендот Георги Гавровски во јавноста познат како Гого Реквием.

Тој е единствен член од првиот состав на бендот. Поранешни членови се : Роберт Пирнер и Милован Станковиќ, а освен Гого денес во групата членуваат и: Југослав Милановски (од 2001) и Филип Каровски (од 2021 година).

За да ја одржат тензијата пред големиот настан членовите на „Реквием бенд“ подготвија музичка посластица за публиката, „жешка“ песна посветена на моторџиите со наслов: „Слушам само рокенрол“.

– Станува збор за обработка на хитот „Rebel Soul“ на Николас Џозеф Нолан. Новиот текст на „Слушам само рокенрол“ на македонски го напишав јас, аранжманот го адаптираше Дарко Тасев, кој заедно со Филип Каровски ги отсвире гитарите, а музичката продукција е на Кристијан Габровски. Се надевам ќе им се допадне на сите кои сакаат ваков вид музика, а пред се на бајкерите на кои им ја посветивме песната – нирече Гого.

Од почетокот на годината во која го одбележуваат јубилејот „Реквием бенд“ ги промовираа и песните: „Не се предавај“, како што е и работниот наслов на новиот албум што го подготвуваат и баладата „10 години“, што ја потпишуваат Американците Арон Ли и Џош Мартин. М.Т.