Мај 2025 година беше вториот најтопол мај во светот, со просечна температура на површинскиот воздух од 15,79°C според ЕРА5, што е за 0,53°C над просекот за мај во периодот 1991-2020 година, објави службата за климатски промени „Коперникус“. Мај 2025 година беше за 0,12°C постуден од рекордниот мај 2024 година и за 0,06°C потопол од третиот најтопол мај 2020 година, според „Коперникус“, додавајќи дека изминатиот месец бил за 1,40°C над проценетиот просек за периодот 1850-1900 година, што беше искористено за дефинирање на прединдустриските нивоа, со што се прекина подолг период од 21 месец (од вкупно 22) со глобална просечна температура поголема од 1,5°C над прединдустриските нивоа.
Периодот од дванаесет месеци од јуни 2024 до мај 2025 година беше за 0,69°C над просекот од 1991-2020 година и за 1,57°C над прединдустриското ниво.
– Мај 2025 година завршува невидено долга серија месеци со температури што надминуваат 1,5°C над прединдустриските нивоа. Иако ова може да понуди краток одмор за планетата, очекуваме прагот од 1,5°C повторно да биде надминат во блиска иднина поради континуираното затоплување на климатскиот систем – вели Карло Буонтемп, директор во ЕЦМВФ.
Просечната температура над европското копно за мај 2025 година беше 12,98°C, што е за 0,29°C под просекот за мај од 1991 до 2020 година. Во мај 2025 година беше забележан значителен контраст во температурите на површинскиот воздух низ цела Европа, со температури под просекот во Источна Европа од источна Италија и Балканот до Финска и температури над просекот во Западна Европа.
Надвор од Европа, температурите најмногу над просекот беа над западен Антарктик, поголемиот дел од Блискиот Исток и западна Азија, североисточна Русија и северна Канада. Температурите беа претежно под просекот над Индија, Алјаска, Јужна Африка и источен Антарктик. Глобалната просечна температура за бореалната пролет 2025 година (од март до мај) беше втора највисока досега, 0,59°C над просекот од 1991 до 2020 година, и беше постудена само од бореалната пролет во 2024 година. Температурите генерално беа над просекот, особено на северната хемисфера. Најголемите позитивни аномалии беа регистрирани над западна Централна Азија, североисточна Русија, Гренланд и западен Антарктик, додека негативни аномалии се појавија над Хадсоновиот Залив, Јужна и Североисточна Африка, Индија, северните делови на Австралија и источен Антарктик.
Во мај 2025 година поголемиот дел од Северна и Централна Европа, како и јужните региони на Русија, Украина и Турција, беа посуви од просекот. Спротивно на тоа, условите беа повлажни од просекот во поголемиот дел од Јужна Европа, региони на Феноскандија, во северно-јужниот појас од Балтичко до Црно Море и во делови од западна Русија. Во мај 2025 година беше посуво од просекот во поголемиот дел од Северна Америка, Африканскиот Рог и низ цела Централна Азија, како и во јужна Австралија и поголемиот дел од Јужна Африка и Јужна Америка. Повлажни услови од просекот беа забележани во Алјаска, како и во источниот дел на Соединетите Американски Држави, низ Русија, северно од Индискиот Потконтинент, Југоисточна Африка и источна и северозападна Австралија.