Музичко-истражувачкиот проект на гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска, насловен „Балканско патување“, го започна своето интернационално, регионално претставување, со концерт одржан во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, Бугарија. Проектот е покана и предизвик за слушателот – да се нурне во музичката ризница наречена балканска музика, за и преку неа да ги доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи.
Концертот го водеше Пламенка Трајковска, авторката на овој проект, која ја објасни суштината на обработките на одделните балкански композиции, односно заедничките мелодиски, хармонски и ритмички структури, заеднички за одделните земји. Гудачкиот квартет ги изведе балканските музички слики и ја одушеви присутната публика, која одделните композиции, претставени како балкански, ги препозна како свои.
Според Трајковска, во новите композиции струјат влијанијата на класичната музика и заедничките мелодиски и ритмички линии од сите балкански региони. Богатството и разновидноста на балканскиот звук опфаќаат композиции од Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и од Турција. Аранжманот е мошне значаен – има цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион, сите вткаени во нови музички слики, во балканската композиција за гудачки квартет.
Годинава проектот се пласира во балкански рамки, со концерт во Софија, реализиран со помош на Министерството за култура, и ќе продолжи со настап на меѓународниот фестивал „Солеј“ во Созопол, Бугарија, на шести јуни, во Античкиот амфитеатар на Созопол. Идејата е „Балканско патување“ да го допре секој културен центар на Балканот, за да создаде нови балкански мостови меѓу народите и нова културна рамка што ќе ги истакнува заедничките елементи во музиката и во културата на балканските народи.