Расказот „Удвојувања“, нова прозна творба на писателот Томислав Османи, доживеа трикратна објава во Хрватска, Србија и Грција. Најновите објави доаѓаат по неодамнешното публикување на расказот во антологијата со која се чествува јубилејниот роденден на нашиот истакнат автор, академикот Петре М. Андреевски. Расказот на Османли е една од 19-те прози на истакнати македонски раскажувачи, по иницијатива на авторката и уредничка Оливера Ќорвезироска и на книгоиздателството „Арс ламина“ од Скопје, специјално напишани за ова чествување со антологијата насловена „Книга за Петре“, неодамна објавена и промовирана во МАНУ од академиците Влада Урошевиќ и Венко Андоновски.
Расказот „Удвојувања“ веднаш по неговата објава на македонски, деновиве доживува објави на грчки јазик во елитна ревија за култура и општествени прашања од Солун, во српскиот литературен портал „Синхро“, како и во еднакво угледниот хрватски портал „Трис“ со седиште во Шибеник. Преводите на трите јазици ги реализира самиот автор на расказот. Брзиот одзив на регионалните списанија во објавата на новата творба на македонскиот писател е потврда дека и оваа ангажирана проза на Османли има не само домашно и локално туку и општо знаење. Трите објави едновремено се и творечко потсетување на книжевниот лик на Петре М. Андреевски, еден од најзначајните македонски и бившојугословенски книжевни дејци.