Додека зимата тропа на вратата, многумина веќе влегоа во празничниот дух. Во последно време, сезоната на празниците се чини дека станува подолга на календарот – некои почнуваат да ги украсуваат своите домови уште во октомври, додека други го прават тоа веднаш по Ноќта на вештерките. Празничните украси носат радост и топлина во домовите низ светот, па ако веќе сте ја украсиле вашата елка, не грижете се – можеби сте само еден од оние луѓе што сакаат да ја продолжат празничната магија и да донесат малку светлина во мрачните зимски денови.
Што велат експертите за тоа? Според психолозите, раното украсување на вашиот дом може да открие многу за вашата личност. Психологот д-р Кармен Хара објаснува дека оваа навика често ги одразува длабоките емоции и потсвеста.
– Луѓето што рано го украсуваат својот дом често чувствуваат празнина што се обидуваат да ја пополнат, или од носталгија или од желба да ги импресионираат другите – вели д-р Хара.
Некои уживаат во вниманието што го привлекуваат со раскошните украси, додека други го гледаат тоа како можност да создадат совршена семејна атмосфера што ќе ги прикрие вистинските проблеми. Една од причините за рано украсување може да биде желбата да се привлече внимание.
– Нарцисите особено уживаат да се истакнат нивните украси, што го прави нивниот дом предмет на восхит. Тоа е начин да се задоволат егото и потребата за пофалби – објаснува таа.
Сепак, не е сѐ во покажувањето. Психотерапевтката Ејми Морин, авторка на книгата „13 работи што не ги прават ментално силните луѓе“, верува дека носталгијата е клучен фактор.
– За многу луѓе, Нова година и Божиќ се дел од магичното време на детството, исполнето со среќни спомени. Раното украсување им овозможува да се вратат во тие моменти и да го продолжат чувството на радост и топлина што ги носи празничната сезона – вели таа.
Според професорот Ерлангер А. Тарнер, клинички психолог на Универзитетот „Пепердајн“, раното украсување може да биде поврзано со исчекувањето на радоста.
– Кога луѓето рано ги украсуваат своите домови, тие го продолжуваат чувството на возбуда и задоволство што доаѓа со празничната сезона. Во денешниот свет полн со стрес и неизвесност, уредувањето на домот често станува начин луѓето да ја вратат контролата и да го подобрат своето расположение – вели тој.
Студија од 1989 година покажа дека присуството на празнични украси може да ги направи луѓето подружељубиви и попристапни. Британскиот психоаналитичар Стив Меккеон додава дека украсувањето често има свои корени во детството.
– Носталгијата игра огромна улога, но некои луѓе имаат и потреба да го дополнат она што го немале – можеби нивните родители не ги славеле празниците како што би сакале – вели тој.