ОТВОРЕН ПОВИК ЗА УЧЕСТВО

Во рамките на годишната програма, културниот центар „Јадро“ организира работилница за сценска костимографија во текот на октомври и ноември, под менторство на костимографката Марија Папучевска.
– Костимографијата е уметничка дисциплина во применетата уметност, која има цел уметнички да обликува дел од сценскиот простор чиј интегрален дел се и костумите. Во исто време една од главните цели на костимографијата е да прикаже одредени расположенија преку форма, боја и карактер, со цел да се претстави амбиент, феномен или состојба, а преку тоа и да го прошири значењето на претставата. Оваа работилница има цел да овозможи сеопфатен вовед во светот на сценските костуми поврзувајќи го историското значење и искуство со практични вештини и креативно дизајнерско размислување – велат организаторите.
Повикот е отворен до 15 октомври. Работните сесии ќе се одржуваат во просторот на „Јадро“. Бројот на местата е ограничен и од прифатените апликанти се очекува редовност на сите сесии.
Преку серија од четири двочасовни предавања и практична работилница со истакнатата костимографка Марија Папучевска, цел е на учесниците да им се овозможи да научат за историјата на театарската костимографија, која не е доволно интегрирана во курикулумите на нашите образовни институции. Исто така, преку креативен процес на учесниците ќе им се овозможи да креираат свои костуми. Работилницата е наменета за сите мотивирани млади локални уметници и модни креатори, кои сакаат да ги зголемат своите знаења и вештини во областа на сценската костимографија, но и за сите оние што би сакале да ги продлабочат своите знаења и вештини
Марија Папучевска, костимографка, дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, на Одделот за текстил и текстилно инженерство со дизајн. Магистрирала на Новиот бугарски универзитет – специјалност: сценски дизајн и медиум. Од 2000 година работи во Националната опера и балет на Македонија како раководителка на секторот за костимирање. Како костимографка работела на многубројни драмски, оперски и балетски проекти, во сите театри низ републиката, а и надвор (Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Црна Гора). Добитничка е на наградата „Војдан Чернодрински“, трипати за најдобра костимографија на претставите „Марисол“, „Ревизор“, „Лавиринти“ и „Ужегнатост“. Папучевска исто така е добитничка на „Јоакимовата награда“ на Меѓународниот фестивал во Крагуевац за претставата „Нашиот клас“, како и наградата за најдобра костимографија на фестивалот „Војводина за професионален театар“ во 2021 година за претставата „Ана Каренина“. Го реализирала самостојниот проект „Со-облекување“, костимирана аудиовизуелна порака каде што прави спој на различни визуелни и аудиоелементи со цел да ги покаже меѓузависноста и неделивоста на драмата, операта и балетот преку специфичен костимографски ракопис. Авторка е на костимографии за 100 драмски, 25 оперски, 10 балетски проекти, како и за филмот „Мируш“ на режисерот Мариус Холст. Како сценографка е потписничка на два драмски проекта „Елка кај Иванови“ и „Излез“.