Работилницата на јадранската мрежа „Браќа Манаки – следна генерација“, која се одржува во рамките на фестивалот, е континуитет на наследниците на браќата Манаки, која до минатата година беше наменета за ученици во средно образование. Од оваа година, под менторство на Марија Џиџева и Фејми Даут, како дел од јадранската мрежа, приказната се надградува со студенти од три земји – Црна Гора, Македонија и Албанија.
– Младите се запознаваат со делата на браќата Манаки. Се работи на раскажување приказни низ фокусот на новите генерации, како дел од јадранската мрежа. Во фокусот годинава ни е светлосното загадување, поаѓајќи од тоа дека светлината ги прави филмот и филмската слика, а новите генерации ги учиме како светлосното загадување влијае во креирањето на приказните. Флуоресцентната светлина, светлината од телевизорите, фрижидерите, билбордите, мобилните телефони, компјутерите – со сето тоа постојано сме опкружени и тоа е наша нова реалност, а сето тоа ја загадува природата, но е и наше лично загадување. Има интерес кај нив, тие си имаат свои идеи. Младите треба да одберат карактер, ситуација од тоа време и да го стават во новото време, во видеоприказна. Се надевам дека од младите ќе произлезат интересни идеи, пораки и визуелни приказни – вели менторката Џиџева.
Нејзиниот колега Даут вели дека на работилницата младите ентузијасти презентирале интересни идеи.
– Имавме интересна можност да видиме како младите ги изложуваат нивните идеи на нашата тема за светлосно загадување, кои се интересни не само за нас туку и за гледачите. Имаме шест автори што имаат слична тема, а идеите треба да ги спојат во две кратки видеа. Ние како ментори сме овде за да ги насочиме како да го реализираат нивното изразување. Многу се креативни, а приказните што ги презентираа се синергија меѓу историјата и сегашноста. Сега работиме на развој на сценариото, имаме две групи од по тројца членови, кои ќе спојат сѐ во едно видео – вели Даут.
Видеопродуктите на двата тима составени од студенти е предвидено да бидат готови деновиве.