До 3 јуни хаштагот #justiceforjohnnydepp (правда за Џони Деп) имаше речиси 20 милијарди прегледи на ТикТок, додека #justiceforamberheard (правда за Амбер Херд) имаше над 80 милиони. Хаштаговите како #amberheardisguilty (виновна е Амбер Херд) имаа 900 милиони прегледи на социјалните мрежи во тоа време. Иако на поротата ѝ беше наложено да се држи настрана од социјалните мрежи, правниот тим на Херд инсистираше дека тие сè уште влијаат на случајот
Амбер Херд во ексклузивно интервју за „Ен-би-си њуз“ зборуваше за пресудата во случајот меѓу неа и Џони Деп, откако поротата едногласно утврди дека таа го наклеветила поранешниот сопруг и му додели повеќе од 10 милиони долари отштета, во холивудското судење што го привлече вниманието на светската јавност. Херд верува дека социјалните мрежи влијаеле на исходот на пресудата.
– Дури и ако сте сигурни дека ја заслужувам сета оваа омраза и гнев, дури и ако мислите дека лажам, сепак не можете да ми кажете дека Џони и јас бевме подеднакво третирани на социјалните мрежи – изјави таа во интервјуто за Савана Гатри.
На социјалните мрежи, особено на Tикток, луѓето најмногу го поддржуваа Деп за време на судењето за клевета.
– Ова е е еден од ретките случаи што биле емитувани и во живо по телевизиите. Случајот со Харви Вајнстајн не го емитуваа, а беше многу поважен и засегнуваше полово вознемирување, додека еден ваков случај каде што некој пробува да поттикне некои обвинувања од жртва на насилство е многу поактуелен. Овој случај е посебно важен за белите мажи, затоа што се исплашија дека можат да бидат обвинети за злоупотреба на својата моќ, кај нив се јави страв дека можат да бидат неосновано обвинети. Важен е зашто покажа дека такво нешто е можно. Од друга страна, пак, мнозинството аналитичари го гледаат како лош пример за општеството за понатаму, зашто е можно вистинската жртва пак да биде згазена. Со ова како да се поништи цело движење „И јас исто така“ (#metoo). Социјалните медиуми многу добро завршија работа во однос на пресудата. Значи во психологијата постои термин „психологија на толпа“. Толпата го зима каменот и ја убива жртвата. Толпата доби порив дека треба да го спасува Деп од нешто. А ликот на Амбер се сведе на сатанизирање. Таа се помножи со нула како човек – вели Билјана Кочоска, психолог и магистер по комуникација и нови медиуми.
До 3 јуни хаштагот #justiceforjohnnydepp (правда за Џони Деп) имаше речиси 20 милијарди прегледи на Тикток, додека #justiceforamberheard (правда за Амбер Херд) имаше над 80 милиони.
Хаштаговите како #amberheardisguilty (виновна е Амбер Херд) имаа 900 милиони прегледи на социјалните мрежи во тоа време. Иако на поротата ѝ беше наложено да се држи настрана од социјалните мрежи, правниот тим на Херд инсистираше дека тие сè уште влијаат на случајот.
– Се појавија хаштази, мемиња се правеа на нејзина сметка, секакви исмејувања, буквално булинг. Тоа беше и целта на пропагандната техника, како еве, ова го прави народот, и се сведе на средновековно палење вештерки. Дури Амбер и да е виновна, морално и етички не е во ред такво камнување. Никој не добил вакво каменување, ни сериски убиец. Ама психологијата на топлата го повлече сево ова како лавина.
Луѓето не го слушаат цело судење и не ни стигнуваат да разберат за кого се зборува таму. Многу е лесно да потпаднеш под тие влијание. Го доживевав судењето буквално како малтретирање на жртвите на насилство кога ќе отидат во полиција. Жртвата секојпат мора да го кажува истото што го проживеала. Малтретирано куче сите можеме да го сфатиме зошто лае и каса, а за човек тоа не го разбираме. И покрај забраната да не се се потпаѓа под влијание на социјалните медиуми, не се остави простор поротата тоа да не го гледа. Медиумите се присутно насекаде, како може поротата да се изолирала од тоа влијание – вели Кочоска.
Таа вели дека не е првпат да биде извртена перцепцијата на јавноста, па жената да биде онаа што е секогаш виновна за секој скандал, а мажот да ги собира поените на своја сметка.
– Ова се случи после скандалот со Вил Смит на „оскарите“. Уште тогаш бев во шок колку после испадна дека жената на Смит е виновна. Направила фаца, таа е крива, а не Смит за својата постапка. После тоа се случи ова. Веќе постоеше став тоа дека жената е крива за постапките на мажот. Независно какви закани тој употребувал, таа е виновна. Целата работа се сведе на таков дискурс. И дека му ја уништила кариерата. Како таа му ја уништила кариерата? Бил алкохоличар, користел дроги, ама таа му ја уништила карирата, таа е лошата. Со ова Деп дефинитивно си ја врати кариерта и доби на популрност, бидејќи го имавме заборавено. Претходните мемиња за Деп беа дека тој личи на тетка. Сега е пак фраер. Верувам дека ќе му се поправи кариерата и верувам дека фрлил многу пари на пиар и пропаганда – додава Кочоска.
Филмологот Алек Василевски смета дека на актер од ковот на Џони Деп и не му е потребен скандал за повторно да си ја врати кариерата.
– Доста е претенциозно и тенденциозно глумци од типот на Вил Смит и Џони Деп, со мегапопуларна слава, да сакаат да ги дисквалификуваат еполетите од рамото на славата и да ги деградираат, внесувајќи циркус во својата кариера. На Џони Деп, кој на почетокот од својата кариера е ненаметлив во сериите, па се појавува во филмовите на Оливер Стоун од каде што стигнува на скалилото на познати глумци, не знам дали му е потребно ова. Не се ценат моралните и духовните вредности. Среброљубието е длабоко влезено и во Холивуд и во Европа – вели Василевски.
Според него, и Деп и Херд се виновни за нивната драма да ескалира и да добие мегапопуларна слава.
– Во неколку налети имам прочитано дека Херд го има физички нападнато, меѓутоа дали ова е сличен случај како оној што беше со Дејвид Бекам и Алекс Фергусон, не знам. Но сензационализмот на ѕвездите e постојано на тапет, со што се минимализира нивниот талент, како да атрофира. Не е првпат ваква драма, позната е драмата и со Бранџелина (Бред Пит и Анџелина Џоли – н.з.), е сега дали Херд сака да го постигне истото, не знаеме. Меѓутоа и Деп со своите пороци има удел во цела рашомонијада. Можеби е драма, но сигурен бев дека Деп ќе извлече корист зашто има грб, има квалитетна адвокатска фела зад себе – смета Василивески.