Фото: Пиксабеј

Во последните неколку години сѐ почесто се споменува терминот „дигитална деменција“, кој го објаснува угледниот германски невролог и психијатар Манфред Спицер во книгата „Дигитална деменција: Како ние и нашите деца го губиме умот?“. Прекумерната употреба на дигиталната технологија значително влијае на когнитивните способности и перцепцијата на реалноста, а веќе видовме дека виртуелната реалност стана поголем приоритет за многумина. Спицер смета дека во наредните години човечките способности драстично ќе се намалат поради преголемото потпирање на технологијата и неможноста да се одвои реалниот од нереалниот свет.

Дигитална деменција

Терминот деменција им е познат на повеќето луѓе, најмногу во контекст на Алцхајмеровата болест и други деменции, кои неодамна станаа глобален здравствен проблем. Тоа се состојби што се карактеризираат со губење на меморијата, со конфузија и дезориентација и со општо намалување на когнитивната флексибилност.
Спицер не сакаше терминот деменција да го поврзе со користењето на мобилните телефони, туку да ја алармира јавноста дека неконтролираното и прекумерно користење на технологијата, како и прекумерното потпирање на неа, ги ослабува когнитивните способности на поединецот и може да ја влоши состојбата на луѓето што се изложени на ризик од развој на деменција и да го забрза нејзиното настанување.
Епидемијата на паметни телефони, која започна некаде во 2012 година, се рашири низ светот во рекордно време и нè натера да се залепиме за нашите екрани 24 часа на ден. Речиси нема човек што не поседува паметен телефон, кој ги содржи неговите контакти, активности, врски, финансии, календари, потсетници и сите оние други „алатки“ што му дозволуваат да го исклучи мозокот и да го сведе на минимален ментален напор. Голем акцент е ставен на децата, чии мозоци сѐ уште се во брзо и динамично формирање и развој, а сведоци сме на модерното време во кое сè помладите деца имаат свои паметни мобилни телефони и ги користат без ограничувања.

Епидемијата на паметни телефони

Мозокот е најкомплексниот орган, кој сè уште остава многу неодговорени прашања за научниците и истражувачите што го проучуваат. Она што е надалеку познато е принципот „користи го или изгуби го“, врз основа на кој мозокот се зајакнува или губи одредени функции. Тоа најдобро може да се објасни со споредување со вежбањето. За да изградиме силни мускули, мора да се вклучиме во редовна физичка активност, точно дефинирани вежби за сила и соодветен план на исхрана. Откако ќе изградите силни мускули, неопходно е да ги одржувате со редовно вежбање.
Мозокот работи на сличен начин. Се состои од голем број мозочни клетки (неврони), кои меѓусебно комуницираат преку невротрансмитери и на тој начин градат нервни мрежи. Ако нема комуникација помеѓу одредени мозочни клетки, односно ако повеќе не ги користиме, тогаш нивните функции слабеат и се губат. Здравиот мозок има силни и многубројни нервни мрежи што функционираат со висок интензитет и кои го штитат од влошување, слабеење или губење на когнитивните способности. За среќа, мозокот е невропластичен, што значи дека нервните врски и мрежи имаат способност постојано да растат и да се развиваат, да создаваат и реорганизираат сопствени функции, но сето тоа зависи од нашите напори, настојувања и искуства.
Наместо филозофијата „користи го или изгуби го“, постои друга алтернатива, која гласи „искористи го и подобри го“. Сите оние невронски мрежи што се активни и кои редовно ги користиме, ги зајакнуваат постојните и градат нови нервни патишта. Благодарение на тоа, учиме нови однесувања и ги подобруваме постојните.

Како функционира „дигиталниот мозок“?

Дигиталната технологија толку многу го окупира нашиот живот што едноставно е тешко да се замисли животот без неа. Паметните телефони, компјутерите, таблетите, паметните часовници, навигацијата и постојаното поврзување на интернет се нешто без кое многумина не знаат како да функционираат. Меѓутоа, сите тие функции што се наоѓаат во дигиталните алатки во исто време го ослободуваат нашиот мозок од редовните и вообичаени ментални напори, поради што човекот станува зависен од технологијата и целосно се губи кога ќе остане без неа.
Поради слабеењето на одредени когнитивни функции, дојдовме до моментот кога не го знаеме напамет ни сопствениот телефонски број, ги забораваме родендените дури и на најблиските, а калкулаторот на мобилните телефони го користиме дури и за наједноставните математички функции.
Сѐ повеќе деца се раѓаат во дигиталната ера и не гледаат проблем во тоа што не знаат некои работи бидејќи ги имаат на мобилните телефони. Меѓутоа, оние што се малку постари веројатно се свесни колку многу би можеле да научат и да запомнат пред мобилниот телефон, кој ги отстрани сите ментални напори и го направи мозокот неспособен да функционира без технологија.
„Дигиталниот мозок“ функционира само со поддршка на дигиталната технологија и се сведува на екстензија на компјутери и паметни телефони! Токму затоа научниците со право се загрижени дека деменцијата како болест би можела да ги погоди идните генерации на порана возраст, а сето тоа поради слабеењето на когнитивните функции како последица на прекумерната употреба на технологијата.
Едноставно ги гугламе информациите што ни се потребни, ретко кој се сеќава да бара книга или да користи когнитивни методи за пребарување податоци зачувани во меморијата. Сѐ повеќе луѓе веруваат во мултитаскинг, имајќи предвид дека компјутерите ни овозможуваат сѐ да правиме истовремено, енормно брзо и лесно.
Одржувањето на фокусот на она што е важно станува глобален проблем кај сите возрасни групи, а тешкотиите со вниманието, меморијата и концентрацијата се присутни кај многумина. Постојат голем број други здравствени компликации поврзани со прекумерната употреба на технологија, од депресија и анксиозни состојби до дебелина, проблеми со движењето и лошо држење на телото. Дигиталната технологија не ги ослабува само когнитивните способности туку и оние што се неопходни за градење социјални и емоционални вештини. Колку и да се залажуваме понекогаш, свесни сме дека врските може да се одржуваат некое време во виртуелниот свет, но дека тие не можат да се развиваат или да преживеат без поддршка од вистински, жив контакт лице в лице.