Македонската публика покажа голем интерес за новото стенд-ап шоу на Никола Ѓуричко, „Шоубиз“, продолжувајќи го неговиот престој во Скопје за уште една вечер. Првиот закажан датум на 7 март веќе е целосно распродаден, а оние што немаа можност да го набават својот билет за оваа изведба, ќе имаат можност да уживаат во неговите шеги и на 6 март, повторно во Македонската филхармонија, со почеток од 20 часот.
Распродаденото шоу во Скопје се придружи на трендот распродадени настапи на едномесечната турнеја на Ѓуричко низ Европа, која веќе е започната од 1 февруари, а е планирана да заврши идниот месец, заклучно со настапите во Скопје на 6 и 7 март и последниот на 14 март во Белград.
Иако тој е добро познат актер на Балканот во безброј театарски, но и многу славни филмски остварувања меѓу кои „Зона Замфирова“ и „Муње“, Никола Ѓуричко веќе сигурно чекори и кон освојување на големата холивудска сцена. Со повеќе мали улоги, како онаа на пилот во „Светска војна З“ покрај ѕвездата Бред Пит, на Ѓуричко не му е непозната големата американска продукција, но улогата што го издвои како нова сензација на оваа сцена е таа на Јури Исмајлов во четвртата сезона на хит-серијата на „Нетфликс“, „Почудни нешта“.
Во новиот материјал подготвен за „Шоубиз“ можеме да очекуваме повеќе да навлеземе и во неговиот живот во САД, со приказни и анегдоти за Холивуд, како и за неговиот приватен живот.