Фото: Пиксабеј

Неодамнешните откритија на античките градови длабоко во амазонската прашума ги оспоруваат претходните претпоставки за минатото на овој дел од светот. Благодарение на технологијата ЛИДАР, научниците успеаја да снимат докази за населби што постоеле пред околу 2.000 години и биле дом на најмалку 10.000 луѓе. Овие заедници, познати како народи на Упано, датираат помеѓу 500 г. пр. н.е и 600 г. Амазон опфаќа огромна географска област на девет јужноамерикански земји и ја сочинува најголемата тропска прашума во светот. Овој регион зафаќа површина од околу седум милиони квадратни километри, чиј главен дел е сливот на реката Амазон. Денешните земји што го опфаќаат Амазон се Бразил – најголемиот дел од Амазон, околу 60 проценти; Перу – околу 13 проценти; Колумбија – околу 10 проценти; Венецуела, Еквадор, Боливија, Гвајана, Суринам и Француска Гвајана. Реката Амазон, која тече низ Амазонија, е најголемата река во светот по волумен на вода и една од најдолгите. Амазонската прашума содржи повеќе од 390 милијарди дрвја и е дом на повеќе од 10 проценти од сите познати растителни и животински видови. Амазон е наречен и белите дробови на планетата бидејќи произведува значително количество кислород и игра клучна улога во регулирањето на глобалната клима. Густата вегетација на Амазон крие остатоци од минатото, што долго време ги отежнува археолошките истражувања. Технологијата ЛИДАР овозможи да се „пробие“ низ густата крошна на прашумата, откривајќи сложени обрасци на древни населби и патишта што претходно биле невидливи.
Еден од највпечатливите елементи на овие откритија во џунглите на Амазон се обемните патни мрежи. Најголемите патишта достигнуваат ширина до 10 метри и се протегаат на повеќе од 20 километри. Овие инфраструктурни достигнувања укажуваат на високо ниво на организација и поврзаност меѓу различните населени места. Покрај патиштата, скенирањата на ЛИДАР открија повеќе од 6.000 земјени тумби, кои најверојатно служеле како платформи за куќи, ритуални центри или за земјоделски цели. Овие могили се придружени со траги од софистицирани земјоделски системи, вклучувајќи канали за наводнување и области за одгледување земјоделски култури. Овие откритија ги оспоруваат претходните претпоставки дека древните амазонски цивилизации биле мали и номадски. Наместо тоа, тие покажуваат дека древните жители на дождовните шуми развиле високоорганизирани социјални и економски системи. Научниците се надеваат дека понатамошното истражување ќе открие уште повеќе детали за нивниот секојдневен живот, социјалната структура и технологиите што ги користеле.