Викендов во домот на култура „Билјана Беличанец“ – Кисела Вода се одржа промоција на сликовницата „Другарка, Другарко и две маченца“ од авторот Денис Јанкуловски-Космонаутко, а со илустрации на Наташа Костовска. На инклузивната промоција настапија: Мијата, Космонаутко и славејчињата, Беира Беки Салифоска и Леон Мемиш Апостоловски, а авторот Јанкуловски и илустраторката Костовска накратко ја претставија сликовницата.
– Ова е една од ретките сликовници кај нас, која се занимава со децата со нетипичен развој. Како своевидно продолжение на сликовницата „Другарко“, во оваа главен лик е Другарка, на која ѝ се придружуваат Другарко и двете мачиња, Рони и Бони. Кога сите заедно ќе се здружат, тие патуваат во нови светови полни со љубов, разбирање и другарство. А како патуваат? Пааа – со фантазмобилот! Ве покануваме на патување заедно со Другарка и нејзините другари, но и да научите нови зборови од прекрасниот јазик на Другарка – вели издавачот „Прозарт медиа“.
Промоцијата се организираше во соработка со домот на култура „Билјана Беличанец“ – Кисела Вода.