Првата дискографска објава на Пијан Славеј ќе се одржи утре (18 мај) во кафе-барот „Мокка“ со почеток во 20 часот, во издание на „СЈФ Рекордс“.
Деби-изданието на Пијан Славеј се состои од пет композиции, во вкупно времетраење од 18 минути.
Автор на текстовите и музичката скица е Пијан Славеј (Бранислав Николов), а аранжманите и музиката во поширок контекст се дело на групата: Бранислав Николов – вокал, мини електрично пијано; Пеце Трајковски-Брада – дигитална хармоника, гитара, програминг; Андреа Мирческа – контрабас; Мартин Џорлев – клавијатури и Мартина Баракоска – тапани.
Во ова издание гостуваат Сара Мејс (харфа), Петар Христов (кларинет) и Никола Ристановски (глас).
Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на Александар Поповски.
Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.
– Изворната идеја на овој проект беше да се презентира поконкретна музика со поетски сензибилитет на една нова македонска шансона. А потоа, тоа стана импулс за послободна и поширока групна интерпретација, градба и наслојување. Сега, сè повеќе доаѓа до израз развивањето на инструменталното ткиво врз зборовната коскеност. Од нежен ламент до крик – чувството на изолираност и загуба како нов духовен пејзаж, но и потребата од вистинскиот уметничи допир и преживување, се суштинскиот драјв на оваа музичка експресија што постојано се трансформира во потрага по сопствен природен глас – велат организаторите.
Покрај физичкото компакт-диск издание, ЕП-то Пијан Славеј ќе биде достапно и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг-сервиси.
Промоцијата на ЕП-то е во пресрет на 21-то издание на фестивалот „Оф-фест“, кој ќе се одржи од 1 до 4 јуни.