Многу намирници и понатаму ја задржуваат својата хранлива вредност откако ќе бидат сместени во замрзнувач, пишува „Кликс.ба“.
-Замрзнатата храна, како што се овошјето и зеленчукот, рибата и месото, па дури и лебот, збогатена со витамини и минерали, се подеднакво хранливи како свежите. Замрзнатите производи обично се поевтини од повеќето свежи производи, па затоа се одлична опција ако сакате да заштедите пари – вели нутриционистката Ријанон Ламбер.
Таа додава дека изборот на замрзнати производи може да биде и одличен начин за намалување на отпадот од храна бидејќи продуктите може да се замрзнат и да се јадат подоцна.
Ова е особено важно бидејќи трошоците за живот продолжуваат да растат, а цените на секојдневните производи постојано се зголемуваат.
Овие пет намирници се всушност поевтини и поздрави ако ги купите замрзнати.
Замрзнат грашок
Многумина од нас веќе имаат вреќичка грашок во замрзнувачот. Оваа храна е многу поевтина за купување замрзната и е лесен прилог во секој оброк.
Исто така, содржи доволно количество влакна, антиоксиданси и витамини, како и минерали кои се здрави за срцето, како што се магнезиум, калиум и калциум.
Замрзнат сечкан лук
Љубителите на лук знаат дека лупењето и сечкањето чешниња може да биде многу мачно. Оттука, ако чувате кесичка со замрзнат и сечкан лук во замрзнувачот, ќе заштедите време и пари.
Чешните нема да го изгубат својот вкус кога ќе се замрзнат, иако може да изгубат дел од својата јачина. Со замрзнат лук ќе можете да продолжите да уживате во неговите придобивки – неговата главна активна состојка, алицин, може да го поддржи вашиот имунолошки систем во борбата против вирусите.
Замрзната брокула
Брокулата е уште еден од оние зеленчуци кој лесно се вградува во вашиот оброк и дава хранлива вредност дури и кога е замрзнат.
Според една неодамнешна студија, јадењето на оваа суперхрана може значително да го подобри здравјето на цревата, како и да помогне во губењето килограми и да го поддржи здравјето на мозокот, да помага при воспалениеја и да ѝ „асистира“ на функцијата на имунолошкиот систем.
Замрзната риба
Како што нагласи Ријанон, јадењето замрзната риба може да биде многу поприфатливо.
Замрзнувањето нема да ја намали нејзината хранлива вредност – и понатаму ќе уживате во придобивките од омега-3 масните киселини и витамините Д и Б2, кои таа ги содржи.
Замрзнати бобинки
Бобинките додадени во оброк со јогурт се здрав елемент во појадокот. Меѓутоа, честопати една порција свежо овошје содржи само неколку од нив – купувајќи ги замрзнати ќе значи дека ќе ги имате повеќе за помалку пари и ќе ви траат подолго.
Нема ништо полошо од тоа бобинките да ви мувлосаат по само неколку дена во фрижидер.
Според студијата на Државниот универзитет во Јужна Дакота, замрзнатите боровинки содржат повеќе антиоксиданси, кои можат да помогнат во борбата против болестите, вклучително и ракот. Замрзнатите малини се одличен извор на витамин Ц, кој ќе го зајакне вашиот имунолошки систем.
Подготви: Валбурга Батева Николоска