Со жив академски дијалог и квалитетна програма, Демирхисарската летна школа продолжува да гради традиција на вреднување и афирмација на нашето културно и духовно наследство. Организатори на настанот беа манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче, Општина Демир Хисар и Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ
Успешно одржана осмата Слепченско-демирхисарска летна школа
Со успешното одржување на осмата Слепченско-демирхисарска летна школа и четвртиот Меѓународен научен симпозиум, Слепченскиот манастир и Демир Хисар повторно се етаблираа како значајно средиште на македонската научна, духовна и културна мисла. Централна тема на годинашното издание беше „Архиепископот Прохор и Слепченскиот книжевен центар“, преку која беа презентирани нови научни сознанија и истражувања за овој исклучителен духовен и книжевен феномен.
Настанот уште еднаш ја потврди важноста на Слепченскиот манастир
Овој значаен собир се одржа по повод големиот јубилеј – 500 години од хиротонијата на архиепископот Прохор (1525-1550 година), истакнат духовен водач и заштитник на книжевната традиција на Охридската архиепископија. Настанот започна со поздравни обраќања на д-р Сашо Цветковски, научен раководител на школата, Никола Најдоски, градоначалник на Општина Демир, и г. Петар, митрополит преспанско-пелагониски. Во своето обраќање пред присутните, митрополитот Петар истакна дека кога никој не го вреднува трудот на научните работници, ние треба да покажеме смелост и достоинство дека треба достоинствено да се брани она што го создале нашите предци.
– И од мене еден апел за ова што се случува тука. Молам браќа и сестри, да бидете вистински амбасадори на ова што денес го правите вие, особено учесниците на оваа школа. За да поттикнете интерес кај нашите научници, како во нашата татковина Република Македонија така и во соседните наши братски држави или сестарински држави – рече г. Петар, митрополит преспанско-пелагониски.
Овој настан уште еднаш ја потврди важноста на Слепченскиот манастир, не само како духовен туку и како културен столб, чија улога во средновековната книжевност и денес инспирира нови генерации истражувачи. Со жив академски дијалог и квалитетна програма, Демирхисарската летна школа продолжува да гради традиција на вреднување и афирмација на нашето културно и духовно наследство. Организатори на настанот беа манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче, Општина Демир Хисар и Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ.
– Последниот ден, Општина Демир Хисар организира научна екскурзија со посета на манастирот „Св. Атанасиј“, Журче, црквата „Св. Димитрија“, Жван, Топличкиот манастир „Св. Никола“, старата црква „Христово спасение“ во Мренога. По желба на учесниците беше организирано и поклонение на гробот на македонскиот поет и романописец Петре М. Андреевски, а го посетија и етноресторанот „На валајци“ во Слоештица – вели Благоја Шундовски, организациски координатор и документарист.
Слепче доби ретка збирка на фотографии од 1900 година
Во рамките на осмата Слепченско-демирхисарска летна школа и четвртата Меѓународна научна конференција, во населбата Слепче се одржа значаен културно-научен настан, организиран од Црковниот одбор и Месната заедница на Слепче. Овој настан претставуваше ретка можност за жителите да се запознаат со историски вредни фотографии направени во 1900 година во рамките на „Експедиција 1900 – Македонија: археолошко патување“, под водство на Руската императорска академија на науките што ја предводел Никодим Павлович Кондаков – пројавен иследувач на древните европски уметности и иноватор на иконографскиот метод.
Заслугата за ова драгоцено културно сведоштво му припаѓа на проф. д-р Сашо Цветковски, научен раководител на Демирхисарската летна школа, кој на граѓаните на Слепче им подари автентична збирка фотографии, стари 125 години, документирани токму на ова поднебје. Овие фотографии претставуваат непроценливо наследство, нудејќи увид во изгледот, обичаите и архитектурата на Слепче од почетокот на 20 век.
Во знак на длабока благодарност, Црковниот одбор на Слепче му додели златна плакета на професорот Цветковски, кој е и автор на капиталната книга за црквата „Св. Никола“ во Слепче – храм со особено духовно и културно значење за оваа заедница. На истиот настан беше одбележана и долгогодишната соработка со проект-координаторот на школата, г. Благоја Шундовски, пријател и поддржувач на слепченската заедница, кому Црковниот одбор исто така му врачи златна плакета за неговиот придонес.
Настанот, одржан во духот на заедништвото и почитта кон историјата, уште еднаш потврди дека културното паметење е жива врска меѓу минатото и иднината – а Слепче е жив доказ за тоа. Во името на Црковниот одбор, за поводот да се организира овој настан и заслугите на Цветковски и Шундовски, говореше потпретседател на Црковниот одбор, г. Раде Талевски.
Издвоени презентации и настани
Во рамките на програмата беа презентирани значајни истражувачки трудови од научници од Македонија, Србија и од Бугарија, кои го осветлија значењето на Слепченскиот манастир и неговата ракописна традиција низ различни научни призми: промоција на монографијата „Црковното книжевно наследство на Слепченскиот манастир“; Презентација на фототипните изданија на слепченските ракописи, монахињата Екатерина; Слепченскиот книжевно-уметнички центар во времето на архиепископот Прохор и потоа; Слепченски апостол; Лексиката на Слепченскиот апостол во споредба со другите македонски апостоли од првата редакција; Слепченскиот книжевен центар Зборниците на Висарион Слепченски; Прилог проучавању црковносовеског језика: морфолошка анализа тропара Св Науму Охридском Чудотворцу; Портретот на архиепископот Прохор и сликаните претстави на Охридските архиепископи од времето на 16 век; Архиепископот Прохор и Цариградската патријаршија во првата половина на 16 век; Архиепископот Прохор и кнезот Димитар од Кратово (Архиепископот Прохор во помениците на Слепченскиот манастир); Визуелна култура манастира Трескавца у епохи архиепископа Прохора од Васа Велинова; Слепченската ракописна збирка во контекста на книжовните процеси през 16 век; Врските помеѓу архиепископот Прохор и игуменот на Слепченскиот манастир и Творечката мисија на зографот Јован од Грамоста под покровителство на охридскиот архиепископ Прохор.
Посета на музејот на македонското општинско радио Радио Демир Хисар
Во рамките на активностите на осмата Слепченско-демирхисарска летна школа и четвртата Меѓународна научна конференција се одржа значајна посета на студентите од Православниот богословски факултет, кои беа предводени од нивниот професор д-р Виктор Недески и од научниот раководител на школата, проф. д-р Сашо Цветковски. Настанот се одвиваше како своевидна претпромоција на спомен-собата – музеј на македонското општинско радио Радио Демир Хисар.
Во оваа единствена музејска збирка од ваков вид во Република Македонија, па и пошироко на Балканот, посетителите имаа можност да се запознаат со четвртвековната историја на Радио Демир Хисар – медиум што од 1985 година успешно опстојуваше како локален јавен сервис. Радиото е препознаено како „непресушен гејзир“ на информации што со децении ги информираше и поврзуваше граѓаните на општината Демир Хисар и целиот Пелагониски Регион.
Претпромоцијата ја водеше Благоја Шундовски – еден од основачите и долгогодишен новинар, уредник и директор на радиото. Преку неговото сведоштво и низ богатата поставка, присутните студенти и гости добија длабок увид во значењето на локалната радиодифузија како дел од културното и медиумското наследство на Македонија.
– Настанот, исполнет со почит кон историјата и медиумската култура, остави силен впечаток кај студентите, кои понесоа со себе едно ново разбирање за вредноста на локалниот медиум како чувар на заедничката меморија и идентитет – рече Благоја Шундовски. Д.Ст.