Во продукција на популарното регионално шоу ИДЈ деновиве излезе првата песна на младата надежна пејачка Луна Бејков, под наслов „Признај“. Луна Бејков е учесничка во белградското шоу во новата сезона, во чии рамки реализира повеќе успешни настапи.
Нејзината појава на сцената и од страна на публиката, како и од страна на жирито во состав: Дарко Димитров, Наташа Беквалац и Реља Поповиќ, е оценета како мошне уникатна, сензуална и харизматична. Таа се издвојува по нејзината кадифена боја на глас и силниот емотивен пристап кон песните што ги изведува.
Осумнаесетгодишната Луна Бејков веќе две години е дел од актерската екипа на популарната тинејџерска ТВ-серија „Тин камп“, а е ангажирана и за изведба на песните што се дел од проектот. Со „Тин камп“ досега оствари голем број јавни настапи во земјава. Таа беше дел и од актерската екипа на долгометражниот филм „17“, во режија на Косара Митиќ.