Заокружена програмата за третиот „Гет ЕГЗИТед“ во Струмица
По минатогодишниот незаборавен спектакл на кој повеќе од 20.000 луѓе танцуваа до зори, забавата на „Гет ЕГЗИТед“ е подготвена да се врати во големиот парк во Струмица, третпат по ред. Годинашното издание пристигнува на 6 септември за да го испрати летото низ разиграна атмосфера и разновидна музичка програма, а целосната програма ја предводат моќното дуо „Ејџентс оф тајм“, динамичното електротрио „Медуза“, диџеј-ѕвездата во подем Лајла Бенитез, иконата на балканската музичка трап-сцена Сенида, како и фантастичната локална поддршка за рап, трап и хипхоп составена од млади артисти, „Два бона“, „Јанг дади“, Зи, Матеј Фолц, диеј Попај и „Дивизија“, како и диеј Бонев, кој се приклучува на целата програма.
– Остануваат уште само неколку дена до долгоочекуваната забава, а возбудата расте! Се очекува Струмица да стане епицентар на незаборавна забава, додека фановите се подготвуваат за ноќ исполнета со врвна музика и енергија донесени од некои од најбараните изведувачи на светската и регионалната сцена. Едно од најбараните дуа на електронската музичка сцена, „Ејџентс оф тајм“, кое ќе ја доведе атмосферата на вечерта до кулминација со својот уникатен звук и фантастичната изведба ќе се погрижи оваа вечер да стане легендарна. Од самиот почеток на нивната кариера во 2013 година, тие добија глобално признание со молскавична брзина, редовно издавајќи албуми за водечките продукциски куќи. Високата позиција на сите стриминг-платформи им го отвори патот за настап на светски и европски фестивали како „Тумороуленд“ и фестивалот „Егзит“. Познат по клупската химна „The Mirage“ и хитовите како „Dream Visions“, „Paradigm“, „Vertigo“, „Love Is A Drug“ и „Friend Of Mine“, како и по ремиксот на „Take My Breath“ од „Викнд“, тие пристигнуваат на фестивалот за да ја размрдаат публиката со нивниот карактеристичен мелодичен хаус-звук и да презентираат свежи песни – најавуваат организаторите.
На главната програма на вечерта ќе се придружи врвното италијанско хитмејкерско трио по потекло од Италија, „Медуза“. Благодарение на неговиот пулсирачки звук што успешно ги комбинира мејнстрим и андерграунд-елементите, тие брзо постигнаа голема популарност во сферата на електронските ритми. Нивниот хит „Piece Of Your Heart“, во соработка со англиското дуо „Гудбојс“, собра над две милијарди прегледи. Сингловите како „Lose Control“, „Paradise“ и „Tell It To My Heart“ постојано ги освојуваат топ листите со повеќе од 150 илјади дневни стримови.
– Ним им се придружува Сенида, хипхоп и трап-дива на балканската сцена, која постојано ја воодушевува публиката со својот автентичен изглед и стил. Со својот силен, но и емотивен вокал, како и со честото играње со различни граници на одредени жанрови, кои вешто ги комбинира со традиционалните елементи, таа освои едно од клучните места меѓу женските уметници во регионот. Нејзините свежи хитови „Alo Alo“, „Greh“ и „Delija“ веќе достигнуваат милиони прегледи, додека песните како „Behute“, „Mišići“ и „Level“, публиката ги пее на цел глас на секој настап, што е потврда за нејзиниот извонреден талент да го опише гласот на новата генерација со нејзината музика.
Лајла Бенитез, талентирана њујоршка диџејка, позната по љубовта кон диџеј-пултот уште од мала, го носи својот препознатлив афрохаус-звук во Струмица со загарантирана добра атмосфера со хитовите „Usion“, „No Place To Go“ и најпознатиот сингл „Fizzy Pop“. Публиката на „Егзит“ ја запамети по нејзиниот динамичен настап на „Денс арената“ минатата година.
„Гет ЕГЗИТед“ е дизајниран како еднодневен музички спектакл во соработка помеѓу фестивалот „Егзит“ и Општина Струмица, досега имаше можност да биде домаќин на некои од најголемите имиња на светската и регионалната сцена.