Фото: Саша Хузјак

На денешната комеморација во салата „Лисински“ во Загреб

Целиот регион сѐ уште се простува од легендарниот фронтмен на „Парни вањак“, Аки Рахимовски. По вчерашниот погреб на гробиштата „Мирогој“ во Загреб, во потесен круг на најблиските роднини, пријатели и колеги, денеска се одржа комеморација и во салата „Лисински“. Дојдоа голем број музичари и пријатели да се збогуваат од омилениот Аки и со одбрани зборови да се запишат во книгата на жалост.

– Оние кои добро го познаваа велат дека тој е веројатно најдобриот човек што некогаш го запознале – изјави Никша Братош.

На комеморацијата присуствуваше и Дино Јелушиќ. Се потпиша во книгата на жалост, а потоа искажа топли зборови за Аки.

– Тој го ширеше позитивното. Денеска за жал се збогуваме со голем пејач и голем човек… ги раскажа нашите животни приказни и се надевам дека барем во следните 500 години ќе се појави некој од 75 килограми кој ќе знае да ги пренесе работите како него – рече Дино.

На комеморацијата дојде и долгогодишниот пријател и соработник на Аки, Хусеин Хасанефендиќ Хус, кој со емотивни зборови се прости од музичарот.

– Многу често беше камче во мојот чевел, многу од моите брчки се поради него, но многу поголем дел од тоа беше што ми ги исполни душата и срцето. Судбина на ваквите ѕвезди е што тие си одат во мегаексплозии. Кој можеше да го замисли како старец на клупа – рече Хус.

По неговиот говор беше објавено видео од еден од концертите на „Парни ваљак“ на кој Аки ја пее песната „Љубавна“.

На вчерашната разделба од големиот пејач, присуствуваше и македонскиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи, а од амбасадата нѐ известија дека, по барање на семејството им го дале и македонското знаме, со кое беше прекриен ковчегот.

Македонскиот амбасадор на погребот во Загреб

На погребот беше и Љубе Бошковски, кој сега живее во Загреб, а присуствуваа и неговите другари од детството Здравко Ситновски – Ситна и Ацо Црногорецот, како и Македонци кои живеат и работат во Загреб.

Според соопштението од Град Скопје, Аки Рахимовски ќе добие улица во центарот на градот, како и маестро Александар Џамбазов, кој беше погребан денеска Аки, го сакаше и често доаѓаше во своето Скопје, а 2015 година засади и дрво во акцијата насловена „За чисто и зелено Водно“, што се организираше по повод „20 години Радио Бубамара“.

Аки Рахимовски сади дрво во Скопје/Фото: Радио Бубамара

Во четвртокот „Радио Бубамара“ организираше и достоинствен настан пред „Пелистер“ во центарот на Скопје, кога голем број скопјани се простија од својот омилен Аки Рахимовски. М.Т.