Жителите на Санторини, популарен грчки остров меѓу туристите, препознатлив по погледите слични на разгледници, стравуваат од тековни земјотреси. Санторини и другите грчки острови во регионот во почетокот на месецов беа среде невиден сеизмички рој или криза – што е име за нагло зголемување на земјотресите во одредена област. Околу три четвртини од 15.000 жители на островот беа евакуирани кога властите прогласија вонредна состојба по земјотресот со јачина од 5,2 степени според Рихтер, најголемиот досега. Понатаму, иако помали, афтершокови повторно се почувствуваа и во наредните денови.
Експертите се согласуваат дека на островот се случува „екстремен и сложен геолошки феномен“.
– Тоа е навистина без преседан, никогаш порано не сме виделе вакво нешто во поново време во Грција – вели д-р Атанасиос Ганас, директор за истражување на Националната опсерваторија во Атина.
Санторини лежи на грчкиот вулкански лак – синџир од острови создадени од вулкани. Но голема ерупција немало во последно време, всушност од 1950-тите, така што причината за сегашната криза е нејасна. Експертите велат дека гледаат многу земјотреси на релативно мала област, кои не се вклопуваат во секвенцата на главниот земјотрес и последователниот потрес. Тоа започнало со ерупцијата на вулканот на Санторини минатото лето. Потоа, во јануари имаше наплив на сеизмичка активност со забележани помали земјотреси. Месецов беа регистрирани илјадници земјотреси.