Реч на интернационалниот фестивал „Актерот на Европа“

Со длабока благодарност и искрено воодушевување стојам пред вас денес, во мојот роден град Ресен, примајќи ја оваа исклучителна награда – „Клучевите на Преспа“. Посебно ме радува што оваа награда ја примам од драги пријатели и врвни познавачи на човечките вредности. Ова признание го прифаќам со голема скромност, но и со гордост. Да се добие ваква награда, особено од фестивал каков што е „Актерот на Европа“, основан и инспириран од визијата на Јордан Плевнеш – човек што преку културата создава мостови меѓу народите – е навистина посебен миг во мојот живот.
Ова признание за мене не е само симболичен клуч – тоа е врата што ја отвора мојата врска со овој волшебен крај, врата кон спомените, кон природата, кон историјата, кон културата, но и кон иднината на Преспа. Да се биде дел од кругот на луѓе што со својата работа оставиле трага врз овој регион, е чест каква што ретко се добива, а уште поретко се заборава. Преспа е многу повеќе од географска локација. Преспа е емоција. Преспа е инспирација. Таа е огледало на соживот, на севкупно богатство – природно, духовно и културно. Моето дело, колку и да е скромно, е родено токму од таа магија што Преспа ја нуди – од шепотот на езерото, од тишината на Голем Град, од топлината на луѓето.

Ова признание за мојата долгогодишна работа и посветеност за здравјето на моите сограѓани е потврда дека мојата заложба кон заедницата не останува незабележана. Н, помошта не била само од здравствен аспект – моите заложби отсекогаш биле насочени и кон други потреби и замолници на граѓаните: од областа на образованието, науката, културата, сето она што ја гради душата на еден народ и ја одржува жива врската меѓу генерациите.
Оваа награда е мотив плус за мене да продолжам по патот што одамна сум го зацртал – да ѝ служам на татковината, со сиот мој личен и професионален капацитет. Сето мое знаење и искуство ќе продолжам да ги вложувам во сесрдно помагање на граѓаните, а посебно на младите генерации што зачекоруваат во академската средина – каде што секој нов млад кадар е потенцијален чувар на иднината.
Би сакал да ја споделам оваа чест со сите соработници, пријатели и визионери што веруваа во идејата дека Преспа заслужува да биде видена, слушната и препознаена. Наградата ја примам во име на сите оние што работат тивко, посветено, а често и незабележано – за да ја зачуваат оваа убавина за идните генерации. Од срце им благодарам на организаторите, кои ја препознаа мојата работа. Нека клучевите продолжат да ги отвораат срцата на сите што ќе зачекорат овде – со љубов, со одговорност и со почит.

Никола Јанкуловски