Германскиот пијанист Лука Шестак за првпат во Македонија ќе одржи концерт на 19 октомври, во 20.30 часот, во големата сала на Македонската филхармонија, најавува организаторот „МГ мјузик продукција“. Концертот е дел од европската турнеја на пијанистот.
Лука Шестак е пијанист и композитор, кој е светски признаен по својата виртуозност, комбинирајќи класична музика со џез, поп, блуз, фанк, хипхоп и електронски стилови. Има неверојатни над 30 милиони прегледи на неговиот канал на Јутјуб, а наедно е и добитник на меѓународни престижни награди во областа на музиката. По неговото издание во 2020 година на синглот „Right or Wrong“ за „Сони мјузик“, Шестак се враќа на неговите корени со албумот „Lighter Notes“ со кој и премиерно ќе се претстави пред македонската публика.
– Во текот на годините, мојата музика беше под влијание на џез, фанк, поп, блуз, хипхоп и електробитови. Со „Lighter Notes“ сакав да создадам албум што ги прикажува овие влијанија, но не е „вообичаениот“ албум со џез-звук што може да се очекува. Тоа е повеќе судир помеѓу жанровите и звучните светови – вели Шестак.
Тој во Скопје ќе настапи заедно со своето трио.