Фото: Пиксабеј

Нова јужнокорејска студија покажа дека прекумерното работно време и прекувремената работа доведуваат до значителни промени во структурата на мозокот, што е резултат на комбинација од физички и емоционален напор. Студијата на двајца научници од универзитетот „Чунг-Анг“ и универзитетот „Јонсеи“ вклучила 110 здравствени работници поделени во две групи.
Едната група вклучувала лица што работеле најмалку 52 часа секоја недела, додека другата група вклучувала вработени што работеле стандардно работно време. Луѓето што работеле прекувремено доживеале значајни промени во региите на мозокот што ги регулираат когнитивните и емоционалните функции, што било последица на нивното преоптоварување и замор, заклучиле истражувачите. Коавторот на студијата, професорот Џун Јул Чои, рече дека овие промени можат барем делумно да се поправат ако се отстранат стресните фактори. Сепак, тој додаде дека на мозокот му е потребно многу повеќе време за да се врати во првобитната состојба.
Претходни истражувања од 2021 година исто така покажаа дека прекувремената работа има негативни последици по здравјето.
Френк Пега, кој го водеше истражувањето, истакнува дека најновите резултати претставуваат значаен нов доказ што би можел да помогне подобро да се разбере како прекувремената работа драстично влијае на физичкото здравје на вработените.
– Владите, работодавците и самите вработени можат заедно да преземат мерки за заштита на здравјето на работниците – рече Пега.
Авторите на најновата јужнокорејска студија истакнаа дека резултатите од нивното истражување укажуваат на важноста од решавање на проблемот со прекувремената работа, што е причина за загриженост.
– Тоа е мала студија, но бидејќи се базира на сеопфатни невролошки мерења и се осврнува на фундаменталните механизми на преоптоварување и замор, може да се однесува на сите, па затоа нејзините централни заклучоци се многу релевантни – велат научниците.