Интервју со Петар Младеновски, член и фронтмен на музичката група „Педро Хоризонте“

Музичката група „Педро Хоризонте“ е една од групите што со својот свеж звук и проникливи текстови за кратко време успеаја да ѝ се наметнат на македонската публика. Имајќи го предвид музичкото искуство на членовите на оваа нова група на македонската музичка сцена, „Педро Хоризонте“ со својот жесток звук, кој е мешавина од рок, ска, реге и панк, без сомнеж ќе внесе бран на свежина, но и ќе ја раздрма малку подзаспаната македонска музичка публика.
Нивната свирка во мај, во скопскиот локал „Лабораториум“, каде што „Педро Хоризонте“ го промовираше својот прв албум, насловен „Паранормални мегахитови“, во кој групата преку своите музички творби се обидува да укаже на некои, како што тие велат, „паранормални“ појави во општеството, но и одличниот прием од македонската публика, беа доволен повод да се обидеме одблизу да дознаеме кои се всушност „Педро Хоризонте“, кои се нивните идеи, на која целна група ѝ се обраќаат и кои се нивните планови во иднина. За таа цел се обративме директно кај фронтменот на оваа група, вокалистот и гитарист Петар Младеновски-Пеце, во јавноста повеќе познат како фронтмен на мегапопуларните „Суперхикс“.

Публиката и музичките обожаватели ве препознаваат по сега веќе легендарната музичка група „Суперхикс“. Кои се „Педро Хоризонте“ и како се роди идејата за нова музичка група?
– Педро Хоризонте се роди пред сѐ како некаква моја потреба за нов авторски излет со нови луѓе од сценава. Сѐ започна по еден мој повик до Гога Поп Георгиевски, со кого започнавме интензивно да разгледуваме и потсвирнуваме некои наши музички идеи некаде во 2019 година. Најпрвин беа тоа средби на кои Гога ми презентираше некакви негови идеи и текстови со социјална нота, кои особено ми се допаднаа, а и јас имав некои нереализирани теми извадени од повеќе „фолдери“ за кои сметав дека треба да се најдат токму во овој проект. Инаку, името на бендот дојде спонтано. Мене ме познаваат многумина по прекарот Педро од времето кога пуштав ска и реге-музика по скопските локали, а Васко Атанасовски на една од снимачките сесии во студиото „1060“ на Дени Крстев во една пригода рече „А бе, вие треба да се викате некако како Педро Хоризонте!“ И така и би!

Кој сѐ членува во „Педро Хоризонте“? Дали вашата нова група е составена од сосема нови членови или ја задржавте соработката со некои од членовите од „Суперхикс“?
– „Педро Хоризонте“ е бенд составен од членови што немаат никаква врска со „Суперхикс“. Јас би додал, иако многумина велат дека е звукот сличен, убаво да го преслушаат „Паранормални мегахитови“ и ќе заклучат дека се работи за автентичен и специфичен музички печат, нешто поинакво и еден микс од разни правци. На стартот бевме само јас и Гога (Лилит и други проекти). Подоцна ни се придружи Иво Митковски („Ај кју“) на тапани. За по неговото напуштање, да ни се придружи Владимир Митревски-Ѓуле („Поинт бленк“), кој е актуелен тапанар во бендот.

„Суперхикс“ е група што претежно негува скапанк-звук. Но често експериментирате со разни звуци, како на пример рок, реге, поп-панк, латино и звуци инспирирани од балканското поднебје. Каква музика интерпретира „Педро Хоризонте“ и на која целна група ѝ се обраќа?
– „Педро“ Хоризонте е авторска потреба за „испукување“ на друг терен. Немаме едноставни ниту какви било очекувања ниту имаме некаков „сон“ дека ова ќе се развие во некаков мегамејнстрим-проект. Едноставно се работи за соработка на двајца автори што наоѓаат слични теми, кои ги обработуваат и од тоа излегуваат овие песни. Инаку, добар дел од нив се крајно социокритични и би требало да бидат некаков коректив за состојбите во кои живееме, а живееме во „паранормална“ средина („Мизерија“, „Паранормално“, „Земја на еден жител“, „Жешко“). Секако, песните се полни и со самокритичност („Старост“), иронија („Крајот на Светот“), искрени емоции („Сончев ден, „Спијте деца мои“, „За сите кои ги нема“, Чекајќи“).
Што се однесува до музичкиот стил, тука има доста и поп и инди и реге и рок. На каде ќе оди сето тоа, не се знае.

Колку музиката што ја преферира вашата нова група е слична, а колку се разликува од вашите претходни музички проекти?
– Пак ќе кажам, мислам дека „Педро Хоризонте“ има свој, уникатен звук. Посебен авторски и текстуален печат даваат и темите на Гога Поп Георгиевски, кои се иронични, духовити, искрени, критични. Исто така, еве и јас како автор, не помнам да сум направил песна што е толку лична како „За сите кои ги нема“, а која говори за блиските што ги изгубивме.

Неодамна имавте промоција на вашиот деби-албум. Како звучи и дали сте задоволни од сработеното?
– Одличен прием, свирка и реакција од публиката во мај во „Лабораториум“, каде што го промовиравме овој албум. Единаесет теми за кои (ќе бидам нескромен) добиваме само позитивни реакции. Штета што живееме во време на бојкот на македонската музика низ медиумите (чест на исклучоците), инаку мислам дека песните како „Мегахит“ ќе се вртеа често и долго (што и беше случај во минатото).
Албумот е присутен преку етикетата „Дистро кидс“ на сите музички платформи, а може да се најде и на УСБ и ЦД во продавницата „Рестарт“ во ГТЦ или кај нас со нарачка. Планираме и винил, ама за тоа – потоа!

Вашиот следен настап треба да биде на претстојниот фестивал „Звукот на Скопје“ во организација на Културно-информатичкиот центар – Скопје. Што очекувате од тој настап?
– Очекуваме да ни дојдат многу пријатели, а и дел од „новоизградената“ публика на „Педро Хоризонте“. Тоа ќе биде еден убав празник за ушите, а и за очите, со повеќе изведувачи од разни жанрови и плус неколку други културни поставки. Материјалот „допре“ до многу слушатели, па очекуваме фин одзив.

Која е идејата на вашата нова група и која е пораката што сакате да ја пренесете до вашата публика?
– Самите песни кажуваат сѐ што сакаме да пренесеме. Зборуваме за земја во која останал само еден жител и не знае што со себе (Македонијо, освести се!), во „Мизерија“ велиме „сите се отселија“, во „Жешко“ се пее дека е „Жешко… но нам ни е добро разиграни во розов свет, во „Крајот на светот“ предвидуваме апокалипса, но и потсетуваме на љубовта, во „Старост“ се соочуваме со нашата возраст итн.

Дали покрај „Суперхикс“, преку кој ве запозна македонската публика, но и љубителите на музиката пошироко, имате уште некој музички проект преку кој творите или имате во план да творите во иднина?
– Имам неколку идеи, но за тоа кога ќе дојде вистинското време. Не сум човек што сака да брза или по секоја цена да вади нови проекти или песни. Што треба и каде треба, ќе си дојде во свое време. Инаку, имавме една интересна идеја да направиме еден „луд“ материјал со нашиот Никола Коџабашија, па се надевам дека скоро ќе се случи и тоа.

Кои се вашите блиски и далечни планови со „Педро Хоризонте“?
– За далечните воопшто и не размислуваме, хаха. Да сме живи и здрави најпрвин. Секако, има нови идеи за нови песни и сето тоа полека ќе се обработува низ периодов. Што се однесува до настапите, нѐ очекува настапот на „Звукот на Скопје“ пред КИЦ на 9 јули вечерта, па фокусот е на тоа. И во најава е некаков настап на годинашното издание на „Здраво, млади“, ама за тоа нешто подоцна летово.
Секако, нема да застанеме тука со „Педро Хоризонте“!