Новата, 2025 година е пред нас, а на луѓето со дијабетес мало планирање им носи олеснување да уживаат во празничната атмосфера. Внимавајте со внесувањето јаглехидрати, редовно земајте ја терапијата, пијте доволно вода и влезете во новата година со танцување како физичка активност и добро расположение
Времето на новогодишните празници е период кога заедно со доброто расположение се подразбираат и богати оброци – особено на новогодишната ноќ. Тоа е предизвикувачки период за сите, но особено за луѓето со дијабетес поради сите оние оброци што традиционално се приготвуваат само за овој ден. Со мала подготовка, пред Нова година можете да уживате во новогодишната вечера иако имате дијабетес, без разлика дали одите на прослава или сами ја приготвувате.
Совети за вечера надвор
Ако сте поканети на вечера, ако сте во можност, прашајте за менито. На тој начин, однапред ќе знаете што да очекувате и ќе можете да го направите вашиот план за оброци. Свечените вечери често започнуваат подоцна и веројатно ќе треба да го промените дневниот ритам на оброци. Најважно е редовно да ја земате терапијата за дијабетес, без разлика дали станува збор за апчиња или за инсулинска терапија. Пред да одите на вечера, проверете го нивото на гликоза во крвта и имајте ужина или лесен оброк во случај да се одложи почетокот на свечената вечера. Можете да го понесете и вашиот гликометар, за секој случај. Вообичаените празнични менија се богати со јаглехидрати – имајте го тоа на ум кога ги планирате вашите претходни оброци за тој ден.
Ако сте на инсулинска терапија, повторното пресметување на единиците на јаглехидрати може да биде корисно за одредување на дозата на инсулин пред оброк.
Што е важно да се запамети?
Покрај изборот на храна, важно е и количеството. Па така, половина од чинијата треба да се наполни со салата без прелив, а една четвртина со месо (пилешко, мисирка, телешко). Последниот квартал го оставивме за јаглехидрати, кои можат да бидат солени (интегрален леб, проја) или некој сладок новогодишен специјалитет на кој не можете да му одолеете, но во мало количество. Овој оброк секако ќе доведе до зголемување на гликозата во крвта, но за да се зголеми неговата искористеност, 20-30 минути по оброкот, направете подиумот да биде ваш, танцувајте и уживајте во оваа форма на физичка активност.
Бидете внимателни и имајте на ум дека и танцувањето е физичка активност што доведува до намалување на гликозата во крвта, затоа не одложувајте го оброкот доколку веќе сте зеле терапија/инсулин или таблети/поради времетраењето на танцот дури и ако чувствувате симптоми на хипогликемија. По оброкот и танцувањето, можете да го проверите нивото на гликемијата. Не заборавајте на хидратацијата, иако често се нуди голем избор на различни алкохолни и безалкохолни пијалаци, најдобар избор е водата. Можете да пиете и незасладена лимонада или минерална вода. Алкохол не се препорачува, но ако не можете да го избегнете, тогаш нека биде една чаша од избраниот пијалак. Алкохолот сигурно ќе го зголеми нивото на гликоза во крвта, особено ако станува збор за ликери, кои дефинитивно треба да се избегнуваат.
Како сами да ја приготвите празничната трпеза?
Доколку сами ја приготвувате новогодишната вечера, полесно е, бидејќи можете да направите избор на храна со низок индекс на јаглехидрати и да ги приспособите времето и видот на оброкот на себе. Препораката за протеини е месо – говедско, пилешко, мисиркино, но и риби или растителни протеини како грав и леќа за оние што постат во овој период од годината или воопшто не консумираат месо. Зеленчукот (без скроб), како што се зелката, тиквичките и пиперките, е секогаш добар избор, без разлика дали е приготвен како свежа салата или на пареа, на скара или печен во рерна. Тој е и одличен додаток на месото. Како зачини можете да користите сенф и маслиново масло, а со сок од лимон за салата и некои јаткасти плодови ќе придонесете за празничниот изглед и вкус на салатата.
Вклучете јаглехидрати во форма на цели зрна, киноа или ориз од цело зрно, но внимавајте на големината на порциите, направете ги порциите помали, особено ако се одлучите за новогодишен десерт, кој треба да биде без додаден шеќер или приготвен со засладувач. Вода, лимонада, чај или кафе без шеќер се добар избор за пијалаци.