Љупчо Соколовски, уметнички директор на Фолк вечерта на „Охрид фест“ / Фото: приватна архива

Љупчо Соколовски, уметничкиот директор на Фолк вечерта на „Охрид фест- Охридски трубадури“, најавува богато фестивалско издание, кое ќе го означи почетокот 32. издание на фестивалот, на 29 август, на сцената на „Долни сарај“.

– И оваа година ќе слушнеме голем број познати пејачи од македонската естрада, кои ќе исполнат нови 16 песни. Во оваа прилика некои адути нема да ги откријам, за да може тоа да биде изненадување за публиката и за гледачите пред малите екрани. Ќе набројам само дел од учесниците: Горан Тодоровски, Мишко Крстевски, Благица Павловска, група „Чардак“ , Кирил Белистојановски, Петар Нечовски, Драган Николовски, Нино Величковски, Милован Секуловски, Лазе Јанкуловски, Софија Пуровска и Ивана Серафимовска. Ова се само дел од пејачите на годинашниот фестивал – вели Соколовски.

Тој додаде дека му е драго што оваа година има доста музичари од Охрид кои ќе го исполнат охридскиот мелос на најдобар начин.

– Во ревијалниот дел ќе настапат Сузана Спасовска и Благоја Грујовски кои се присутни на „Охрид фест“ подолго време. Благоја Грујовски ќе настапи со песната „Ноќва Охрид не спие“ со која лани победи, а Сузана Спасовска ќе ја испее песната „Невеста охридска“ која за првпат ќе ја слушнеме на сцената на „Долни сарај – ни рече Соколовски.

Тој додаде дека, како и лани, и годинава ќе продолжи неговата заложба на фестивалот да доминираат мандолината, тамбурата, виолината и кларинетот, за да се чуе старата охридска песна.