ПРОМОВИРАНА НОВАТА КАПСУЛНА КОЛЕКЦИЈА „РЕФЛЕКСИИ“
Промоција на новата капсулна колекција на „Капка“, брендот за накит зад кој стои дизајнерката Јана Ацевска, со наслов „Рефлексии – поглед во минатото што ја дизајнира иднината“, се одржа во „Лаб дизајн маркет“ во „Лабораториум“.
– Прегрнете ги топлината, радоста и живоста на летото и обојте ги со новата капсулна колекција „Рефлексии“ на „Капка“. Капсулната колекција „Рефлексии“ има повеќекратни значења: врска меѓу минатото и сегашноста, иновацијата и традицијата, како и традицијата на изработка. Со поврзување на традиционалното со современото се генерираат нови приказни, уникатни и специфични. Дефинирајте го вашиот стил со уникатните парчиња и креативната комбинација на материјали и создајте сопствена летна приказна – се наведува во најавата.
Оваа промоција е дел од кампањата за поддршка на локалните дизајнери и занаетчии.
Посетителите имаа можност да ја погледнат одблиску колекцијата и да ги поддржат локалните дизајнери и занаетчии и нивната работа. Една од главните причини за постоењето на „Лаб дизајн маркет“ е поддршката на дизајнерите што ги ревитализираат и зачувуваат македонските традиционални занаети, давајќи им нова современа форма. Преку овие настани публиката може одблиску да ја запознае работата на локалните дизајнери и занаетчии и со тоа да ја увиди вредноста во нивниот производ. Крајната цел е да стекне доверба во македонскиот дизајнерски производ што се заснова на рачна изработка и висок квалитет.
„Лаб дизајн маркет“ е изложбен салон што се наоѓа на булеварот Св. Климент Охридски“ број 68, во центарот „Лабораториум“, сместен во индустриската хала на печатницата „Нова Македонија“.