Ново истражување открива
Секоја крвна група има одредени предности и недостатоци, како и влијание врз здравјето на поединецот во поширока смисла. Истражувањата велат дека една крвна група е особено отпорна на разни болести од другите, а тоа е крвната група О, што исто така може да придонесе за долговечност.
Докажано е дека луѓето со крвна група О имаат неколку предности кога станува збор за ризикот од разни болести. Тоа вклучува помал ризик од мозочен и срцев удар и кардиоваскуларни заболувања, а исто така тие помалку страдаат од рак на панкреас и желудник.
Една од причините зошто крвната група О е најздрава е поврзана со фактот дека крвта од оваа крвна група содржи помалку молекули што можат да предизвикаат згрутчување на крвта. Срцевите и мозочните удари се предизвикани од згрутчување на крвта. Отпорноста на најопасните болести исто така значи поголема шанса за долг живот.
Во труд објавен во списанието „ПЛОС џенетикс“, истражувачите предводени од Стјуарт Ким, професор по развојна биологија и генетика на Универзитетот „Стенфорд“, ги открија тајните на долговечноста кај постарите лица. Тие открија дека стогодишниците може да имаат помалку гени што придонесуваат за поголем број хронични болести. Студијата сугерира дека тие не развиваат толку многу болести како луѓето со пократок животен век. Студијата ги испитала гените на 800 стогодишници и 5.400 деведесетгодишници и открила дека варијациите во четири гени се многу важни за брзината на стареењето. Тие вклучуваат ген што игра важна улога во клеточната делба, ген поврзан со крвната група, ген што влијае на предиспозицијата за Алцхајмерова болест и, конечно, ген поврзан со продолжување на животниот век.
Тие објаснија дека одредени генетски предиспозиции се почести кај луѓето што живеат до сто години, а исто така открија дека најчестата крвна група меѓу луѓето со најдолг живот е крвната група О.
– Откривме дека луѓето живеат подолго, барем делумно, затоа што не се разболуваат – рече Ким.
Тој додаде и дека тие можат да имаат корист и од некои фактори против стареење што истражувачите сè уште не ги откриле.
































