Украсувањето на елката е еден од најочекуваните моменти во празничната сезона, но за многумина е и извор на фрустрација, особено кога станува збор за поставување на светилките. Иако задачата треба да биде исполнета со радост, сепак може да биде вистински предизвик рамномерно да се распоредат светилките меѓу гранките.
Како што покажува Тара, сопственичка на американски бизнис за украсување новогодишни елки и креаторка на Тикток, постои полесен начин да се постават светилките отколку оној на кој го прават тоа повеќето луѓе. Имено, традиционалниот начин на обвиткување на светилките околу елката, кој многумина го сметаат за логичен, всушност е неефикасен. Во вирално видео, Тара тврди дека цикцак-методот е многу подобар начин за ставање на светилките на новогодишната елка. Наместо да ги обвиткувате околу дрвото, таа советува да почнете од врвот до дното во цикцак. Овој метод не само што го олеснува рамномерното распределување туку и го намалува нивното расејување на задната страна на дрвото, која честопати е помалку видлива.
Тара го демонстрираше процесот во видео. Таа започнува со закачување на светилките на левата страна од врвот на дрвото, го повлекува кабелот директно надолу до дното и го прикачува на долната гранка. Потоа го враќа кабелот до врвот и продолжува во цикцак-шема додека светлата не се рамномерно распоредени.
– Ова е најконтроверзното нешто што сум го кажала! Не обвиткувајте ги светилките околу елката. Ставете ги од врвот до дното во цикцак-насока. Поедноставно и полесно е да ги извадите кога ќе треба. Луѓето имаат различно мислење за начините на украсување, но јас стојам на тоа дека овој начин е едноставно подобар! – вели Тара.