Со загревање над три степени Целзиусови можеме да очекуваме крајно негативна верижна реакција – огромно зголемување на цените на храната, недостиг од вода за пиење и храна, прекин на синџирот на снабдување и милиони бегалци
Експертите за клима очекуваат катастрофални нивоа на глобалното затоплување. Како би изгледал светот доколку планетата се загрее за три степени Целзиусови над прединдустриските температури? Глобалното затоплување најверојатно ќе ја пробие дозволената граница, што ќе резултира со катастрофални топлотни бранови, поплави и бури, покажува анкетата на „Гардијан“ направена со стотици водечки експерти за клима.
– Веќе ја загреавме планетата за повеќе од еден степен во споредба со прединдустриските температури. Меѓународната цел е да се задржи тоа зголемување под 1,5 степен. Но што ако планетата се загрее уште повеќе? – ова е прашањето што ги мачи експертите.
Само шест проценти од климатските експерти анкетирани од „Гардијан“ сметаат дека можеме да ги исполниме климатските цели и да останеме под границата. Но тоа би значело екстремно брзо и радикално отстапување од фосилните горива. Сепак, сите експерти се согласуваат дека пробивање на максималната температура не смее да биде опција и дека климатските промени не би настанале одеднаш. Климатската криза постепено се зголемува и секој „заштеден“ тон јаглерод диоксид позитивно влијае на светот.
– Климатските промени веќе се закана, но тоа не значи дека крајот е тука ако достигнеме плус два Целзиусови степена, што е исто така многу можно – вели професорот Питер Кокс од Универзитетот во Ексетер во Обединетото Кралство.
На границата од 1,5 степен Целзиусови, топлотните бранови и бури се засилуваат, коралите умираат и вечниот мраз се топи. На плус два степена Целзиусови, веројатноста за брутални топлотни бранови како оној што го погоди северозападниот дел на Пацификот во 2021 година би била од 100 до 200 пати поголема. Освен тоа, двојно се зголемуваат директните штети од поплавите. На плус 2,7 степена Целзиусови, две милијарди луѓе би биле истиснати од климатско прифатливите области, односно би живееле надвор од условите во кои се развивала човечката цивилизација во последните 10.000 години. Со зголемување од плус три степени Целзиусови, градовите како Шангај, Рио де Жанеиро, Мајами и Хаг би останале под нивото на морето.
Со загревање над три степени Целзиусови можеме да очекуваме крајно негативна верижна реакција – огромно зголемување на цените на храната, недостиг од вода за пиење и храна, прекин на синџирот на снабдување и милиони бегалци.