Родната куќа на Мисирков во Постол

Постол е гратче во централниот дел на Егејска Македонија, на местото на некогашниот град Пела – престолнина на Античка Македонија. Градот е административен центар на истоимената општина Постол и се наоѓа во Постолскиот округ. За време на византискиот и отоманскиот период, на словенските јазици градот бил познат под името Свети Апостол или Постол, а на отомански турски како Алах Килише Господова Црква. Името Пела заживеало повторно во 1936 година

Постол се наоѓа на 10 километри југоисточно од Пазар (Ениџе Вардар), 40 километри северозападно од Солун, на надморска височина од 60 метри. Тој е сместен во плодната рамнина на големата низина на Солунското Поле. Блиску до него минува главниот пат од Солун за Ениџе Вардар, а атарот зафаќа површина од 30 квадратни километри. Постол е доста богато село, бидејќи располага со многу плодно земјиште, при што главните производи се жито, памук, овошје и сточарски преработки. Под самото село крај главниот пат постојат извори од кои со вода се снабдувал античкиот град Пела, престолнината на Александар Македонски, која се наоѓала токму тука, за што сведочат ископините во чии рамки постои и музеј.
До 19 век, Постол зафаќал наоѓалиште блиску до горниот град, а долниот град се протегал до мочуриштата на Црна Река (денес Мавронери). Селото е исто така родно место на Крсте Мисирков. До 1924 година селото било населено исклучиво со македонско население и според К’нчов имало 520 жители, според Бранков 720, а според Милоевиќ се состоело од 80 македонски куќи. Бројната состојба на населението според пописите се движела: во 1913 година – 560 жители, во 1920 година – 737 жители.

Крсте Петков Мисирков

Во 1924 година во Бугарија принудно биле иселени 99 Македонци, на чие место биле населени бегалски семејства од Источна Тракија со вкупно 675 бегалци, со што така станало мешано село. Понатаму бројноста на населението се движела 1.437 жители во 1928 година, 1.673 во 1940 година, 1.852 жители во 1951 година, 2.146 во 1961 година, 2.111 во 1971 година, 2.272 во 1981 година и 2.374 жители во 1991 година. Соодносот на македонското население спрема бегалците е 50-50 отсто, а според статистиката на НОФ од 1947 година во селото живееле 750 Македонци, 750 бегалци и 50 Власи. Во текот на Втората светска војна и Граѓанската војна селото, особено Македонците, било подложено на терор, поради што неколку семејства и поединци побарале засолниште во Република Македонија. Д.Ст.

Постол за време на Првата светска војна

Црква „Свети Петар и Павле“

„Свети Петар и Павле“ е преродбеничка црква во гратчето Постол, Ениџевардарско, Егејска Македонија. Влегува во состав на Воденско-постолско-мегленската епархија на Цариградската патријаршија. Црквата се наоѓа на североисточниот крај на градот. Таа е изградена е во 1867 година и претставува трикорабна базилика со нартекс и женска црква на запад. Има одвоена куловидна камбанарија на југоисток, изградена во 1930 година. Храмот има два влеза — од јужната и од западната страна. Прозорците се обликувани во текот на ремонтните работи во 1950 година. Подот во минатото бил со камени плочи, а денес е со мозаични. Иконите се од 19 век.


Пела

Пела за првпат се спомнува од Херодот во врска со походот на Ксеркс, како и од Тукидид. Според Ксенофонт, Пела бил најголемиот македонски град. Пела исто така се спомнува од Полибиј и Ливиј како престолнината на Филип Петти и Персеј за време на Македонско-римските војни. Единствено тука, со записите на Ливиј, имаме дадено опис за изгледот на градот во 167 година пред нашата ера, кои се адресирани на Луциј Емилиј Павле Македоник, командантот што го поразил Персеј во Битката кај Пидна.
Ливиј запишал: „И тој виде дека не е без добра причина тоа што било избрано за кралска резиденција. Сместена е на југозападната падина на едно брдо, опкружена со мочуриште премногу длабоко за да се премине пеш било лете или зиме. Тврдината (Факус) близу градот стои во самото мочуриште, издигајќи се како остров, и е изградена на огромна основа, која е доволно силна за да ги носи ѕидовите и да спречи каква било штета од навлегување на водата од лагуната. Оддалеку изгледа како продолжение на градскиот ѕид, но всушност е одделена со канал што тече меѓу двата ѕида и како таква палатата е поврзана со градот со мост. Така ова го отсекува секој можен пристап на непријателот, и ако кралот затвори некого таму, не постои друга можност за бегство освен мостот, кој е лесно да се брани“. Д.Ст.