Новото истражување на НАСА открива загрижувачка промена на бојата на океаните, потврдувајќи дека нашата планета го губи својот препознатлив син идентитет. Повеќе од половина од океаните на нашата планета се претвориле од сини во зелени во последните 20 години, како последица на постепеното затоплување предизвикано од климатските промени, објави НАСА.
Со оглед на тоа што планетата годишно се загрева за 1,5 Целзиусов степен, а Парискиот договор сè уште не се спроведува како што е договорено, сведоци сме на драстични и често драматични промени на планетата на која живееме, но и на познатиот начин на живот. За потсетување, договорот беше постигнат на 12 декември 2015 година, а стапи во сила на 4 октомври 2016 година, по ратификацијата на Европската Унија. До декември 2016 година, 194 земји членки на УНФЦЦЦ го потпишаа договорот, а 118 од нив го ратификуваа.
Целите на Парискиот договор сѐ уште висат во воздух
Главната цел на договорот е да се ограничи глобалното затоплување на температури под два степена, да се обезбеди снабдување со храна, но и да се зајакне капацитетот на земјите да се борат со последиците од климатските промени, да развијат нови зелени технологии и да им помогнат на послабите, економски помалку развиени членки за да ги постигнат своите национални планови за намалување на емисиите.
Еден од показателите за брзорастечкото глобално затоплување е фактот дека Земјата постепено но сигурно ја менува својата оригинална боја. Најпогодени се областите околу екваторот, каде што Земјата е најтопла. Научниците од Националниот океанографски центар тврдат дека промената на бојата е знак за нарушување на екосистемот поради климатските промени.
– Причината поради која сме заинтересирани не е бојата, туку затоа што бојата ги одразува промените во состојбата на екосистемот – рече Б.Б. Каел, научник од Националниот океанографски центар во Саутемптон и автор на студијата, која беше објавена во престижното списание „Природа“.
Промена на екосистемот
Студија од 2023 година сугерира дека иако точната причина за промената на бојата сè уште не е потврдена, најверојатно планктонот е причината. Овие организми се на самото дно на морскиот синџир на исхрана, а играат клучна улога во производството на најголемиот дел од кислородот на Земјата и имаат стабилизирачки ефект врз нашата атмосфера.
Ефектите од климатските промени веќе се чувствуваат во површинските морски микробиолошки екосистеми. Огромно количество на планктони расфрла светлина во океаните, а некои имаат различни пигменти. Промената на бојата може да им даде на научниците појасна слика за тоа како популациите на планктони се движат низ светот. Научниците ги споредија промените на бојата со компјутерска симулација за да видат како би изгледале океаните во отсуство на глобално затоплување предизвикано од човекот.
– Забележуваме промени во бојата што значително се појавуваат во речиси целиот океан во тропските или суптропските области. Иако сè уште не сме сигурни за точните еколошки последици од оваа промена на бојата на океаните, минатата година беше лансирана нова мисија на НАСА за подобро да ги истражи овие промени. Нејзината напредна сателитска мисија лансирана во јануари 2024 година ќе мери стотици бои во океанот наместо само неколкуте промени што ги имавме досега – изјави Каел.
Програмата на НАСА
Податоците од програмата на НАСА ќе ни помогнат подобро да разбереме како океанот и атмосферата разменуваат јаглерод диоксид. Покрај тоа, тие ќе откријат како аеросолите можат да го стимулираат растот на фитопланктонот на површината на океанот. Новите употреби на податоците ќе имаат корист за глобалната економија и општество. На пример, тоа ќе помогне да се одредат степенот и времетраењето на штетното цветање на алгите. Програмата ќе ги прошири долгорочните набљудувања на НАСА на нашата планета. Притоа, тие ќе го следат пулсот на Земјата на нови начини во наредните децении.
– Да се донесат позначајни заклучоци за тоа што всушност се еколошки овие промени е дефинитивно голем следен чекор. Но дали човештвото сериозно го сфаќа ова предупредување – заклучи Каел.
Како што сега стојат работите, се чини дека одговорот е не, поради упорното одбивање да се верува во климатските промени, кое е поттикнато од голем број теоретичари на заговор, како и поради намерното неприфаќање на фактите заради дополнителен профит. Веројатно ни останува уште малку време да уживаме во недопрената, автентична убавина на морињата и океаните.