„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Мојот татко спие со ангелите (мал воен дневник)“ на познатиот хрватски писател Стјепан Томаш, во превод од хрватски јазик на Славчо Пеев. Романот првпат е објавен во 1992 година. Потоа Стјепан Томаш ја продолжи приказната и напиша уште два дела и како проширено издание беше објавен со наслов „Мал воен дневник“ (1994). Но во наредните изданија (од 1997) беше публикуван како „Мојот татко спие со ангелите (мал воен дневник)“ и досега има 15 изданија на хрватски јазик. Книгата е популарна кај младите читатели во Хрватска и е задолжителна лектира во основното образование во Хрватска.

Напишана е во форма на дневник. Главниот лик – девојче – пишува дневник за војната во Хрватска во почетокот на 1990-тите години. Преку дневничките записи е раскажана приказната за девојчето Цвијета Матковиќ. Ненадејната промена во начинот на живот, предвоената и воената ситуација се прикажани од перспектива на десетгодишно девојче, кое не е сосема свесно што се случува околу него. Овој роман на Томаш и романот „Добар ден, тато“ повеќе од две децении се задолжителна лектира во основното образование во Хрватска и се култни романи во современата хрватска литература за деца.

Стјепан Томаш (1947 година) е современ хрватски писател. Објавил петнаесетина книги раскази и романи за возрасни, како и книга со драми, од кои две се изведени.