Планетата е на работ на неколку пресвртни точки што на крајот ќе поминат, но зад себе ќе остават каскада од еколошки промени. Екстремните топлотни бранови, сушите, поплавите и бурите стануваат сè почести, а сега нова студија што ја симулира иднината на Земјата до 2100 година покажува како фундаменталните промени во температурата и врнежите би можеле да ја променат климата на локално ниво.
– До крајот на векот, се предвидува дека од 38 до 40 проценти од глобалната копнена површина ќе бидат во различна климатска зона од денешната – пишува тимот истражувачи, предводени од главниот автор Пол Дирмаер, климатски научник во Универзитетот „Џорџ Мејсон“ во Вирџинија.
Во зависност од тоа кои климатски модели ги користеле истражувачите за да генерираат проекции за идните глобални промени, тие процени би можеле да се зголемат уште повеќе, со тоа што речиси 50 проценти од копнената маса на Земјата е турната во непозната климатска зона, а промените станаа поизразени со најновата генерација климатски модели, кои се почувствителни на климатските промени и предвидуваат повисоки стапки на глобално затоплување.
За да ги илустрира проектираните промени, Дирмаер се вратил на мапите Кепен-Гајгер, систем што се користи за класификација на светот во пет климатски зони врз основа на температурата, врнежите и годишните времиња. Врз основа на анализа, се очекуваат тропските клими да се прошират, од 23 на 25 проценти од копнената маса на Земјата, до 2100 година. Исто така, се предвидува дека поголем дел од копнената површина на Земјата ќе стане сушна, на околу 34 проценти од сегашните 31 процент. Други студии покажуваат дека ваквите промени би можеле да ги потресат системите за производство на храна и да ги турнат болестите што се пренесуваат преку комарци во нови области. Најголемите поместувања кон нова клима се очекуваат во ладните климатски зони на Европа и Северна Америка, покажа истражувањето. До 89 проценти од Европа и речиси 66 проценти од Северна Америка би можеле да се лизнат во друга климатска зона до 2100 година. Луѓето што живеат во други региони, како што е Африка, сè уште ќе ја чувствуваат топлината на климатските промени – токму во границите на нивната тековна климатска зона и во форма на екстремни временски настани. Убедливо најдраматична промена ќе има во поларната зона, која покриваше речиси осум проценти од копнената површина на нашата планета помеѓу 1901 и 1930 година, и веќе се намали на 6,5 проценти со нешто помалку од 1,2 степен глобално затоплување што Земјата го доживеа досега. Ова е едно од најизненадувачките откритија на студијата, кое покажува колку многу се променила планетата.