Објавена автобиографијата на Габриел Гарсија Маркес

Неодамна во книжарниците се појави долгоочекуваната автобиографија „Приказна за мојот живот“ од перото на славниот колумбиски писател Габриел Гарсија Маркес, дело што Маркес го напишал во зрели години. Приказната за првите триесет години живот, која се наоѓа во оваа книга, ја отвора сторијата за едно патување во местото на неговото раѓање, Аракатака, каде што со своите баба и дедо ги поминал првите осум години од животот, дишејќи во духот на магичниот реализам на ова подрачје. Во книгата читателот ги открива личностите и историските настани со кои изобилуваат неговите славни дела: „Сто година самотија“, „Љубов во време на колера“, „На полковникот нема кој да му пише“, „Хроника на една најавена смрт“.

Неговото Макондо

По Маркес, малку пред да го напушти Правниот факултет по завршувањето на шестиот семестар, доаѓа мајка му, која Маркес кратко ја опишува како цврста и силна како лавица, за заедно да заминат и да ја продадат куќата во Аракатака. Мисијата на ова патување има и скриена тема – за време на ова патување, мајката безуспешно се обидува да го убеди најстариот син Габриел да ја оствари животната желба на татко си и да се врати на студии и да го заврши факултетот. Но тој нема да попушти решен е да стане тоа за што цело време сонува – писател. Патувањето во Аракатака е враќање во минатото, местото е жешко, напуштено… Но, возејќи се во полураспаднатиот воз, Маркес ги набљудува познатите предели. Возот застанува на една станица и поминува покрај единствената плантажа на банани на која е испишано името Макондо.
Тој збор му го привлекува вниманието уште при првите патувања со дедо му, но подоцна го увидува неговиот поетски одек. Потоа го употребува во три книги како назив на илузорно село, откако случајно во некоја енциклопедија открива дека означува тропско дрво што нема ни цвет ни плод, а од чии сунѓерести стебла се прават кануа и кујнски прибор.
По ова патувања сфаќаат дека куќата не може да се продаде затоа што е во многу лоша состојба и тогаш Маркес го почнува романот „Куќа“, книга што никогаш нема да ја заврши, но која всушност е основа за Маркесовата култна книга „Сто години самотија“. За љубовта кон своите родители напишал два романа.

Никогаш не направил интервју, но бил извонреден колумнист

Самиот Маркес останува цврст во одлуката да стане писател, трпи тежок живот, но никогаш не се жали за тоа. Сакал да заработи пари само за да може да си дозволи да купува книги и плочи. До својата смрт има колекција на плочи еднакво обемна како и неговата библиотека. Во младоста имал прекрасни пријатели што му носеле книги, читал темелно и страсно, а кога била објавена неговата прва приказна во „Експектадор“ немал пари ни за да си го купи весникот и да види како изгледа неговиот отпечатен расказ.
Љубителите на Маркесовиот опус од оваа автобиографска книга можат да дознаат и за неговите омилени книги, како што се Фолнеровата „Светлина во август“, Кафкините „Метаморфози“, „Улис“ го сметал за втора библија, во Сервантесовиот „Дон Кихот“ се вљубувал постапно, а грчките трагедии му биле омилено четиво, особено „Кралот Едип“. Поезијата ја сметал за најважна, милион пати поважна од политиката.
Исто така, читателот на ова дело ќе се запознае и со помалку познати детали за новинарската кариера на Маркес, која започнала пред влегувањето во литературата и траела цел живот. Маркес никогаш не направил интервју, но бил извонреден колумнист. Неговата прва колумна за уругвајскиот фудбал била неуспех, но брзо ја научил новинарската уметност. До триесеттата година објавил над 2.500 колумни.
За време на студентските денови ја запознал својата идна сопруга Мерцедес. Тогаш таа имала тринаесет години и тој ја замолил кога ќе порасне да се омажи за него. Во следните четиринаесет години, Мерцедес го чекала. Тие останале заедно цел живот.