Подземните гаражи дејствуваат како грејачи на почвата, а според ново истражување од Германија и Швајцарија, генерираната енергија би можела да се користи за загревање на зградите. Научници од германскиот Универзитет во Хале и Технолошкиот институт „Карлсруе“, како и швајцарскиот Универзитет во Базел, ги анализираа температурите во 31 подземна гаража во различни градови во Германија, Австрија и во Швајцарија. Во шест од нив, тие успеаја да ја измерат температурата на подземните води во непосредна близина. Резултатите покажаа дека подземните гаражи ја загреваат подземната вода во текот на целата година.
На резултатите влијаеја обемот на сообраќај во подземните гаражи, нивната близина до подземните води и температурата на подземните води.
– Бидејќи јавните подземни гаражи често се закопани подлабоко и се користат пократко време, тие ги загреваат подземните води повеќе од приватните објекти – рече Максимилијан Нотен, автор на студијата од Хале.
Вишокот топлина во земјата би можел да се користи во иднина со помош на топлински пумпи. Предноста на тоа би била да се црпи енергија од подземните води. За 5.040 подземни гаражи во Берлин, тимот го пресметал нивото на затоплување на подземните води користејќи го моделот.
Научниците дошле до заклучок дека вкупната создадена енергија би можела да обезбеди греење за околу 14.660 домаќинства.
– Секако, топлината само од подземните води не е доволна за да ги покрие потребите за греење град како Берлин или дури и земја како Германија. Ниту, пак, нивото на температурата на подземните води блиску до површината е доволно за греење без топлинска пумпа – вели Питер Бајер, автор на студијата од Универзитетот во Хале.