Настанот „Пристап до финансии за успешна дигитализација“ ќе се одржи утре, во просториите на ИНОФЕИТ – Скопје, во организација на „Солвео“ и „Европскиот дигитален иновациски хаб“. Настанот е наменет за мали и средни претпријатија што сакаат да ја забрзаат својата дигитална трансформација и да ја зголемат својата конкурентност преку пристап до финансиска поддршка.
– Преку презентации и панел-дискусии ќе добиете практични информации за актуелни фондови, програми и инструменти што се достапни за компании во Македонија и регионот. Ќе имате можност да слушнете успешни примери, да се запознаете со главните бариери и решенија за пристап до финансии, како и да дознаете повеќе за тоа како можете да добиете дополнителна поддршка за развој на дигитални проекти, обуки и пристап до мрежа на партнери. Настанот е прва можност да се вклучите во иницијативите на ЕДИХ и да ја подготвите вашата компанија за следната фаза на дигитален раст – велат организаторите.
На овој настан ќе добиете информации за тоа како вашата компанија може да пристапи до финансиска поддршка за дигитални проекти, ќе се информирате за достапни програми, фондови и кредити што поддржуваат инвестиции во нови технологии, дигитални процеси и иновации, ќе слушнете реални примери и успешни практики за финансирање дигитална трансформација кај компании од регионот.
ИНОФЕИТ ЕДИХ е водечка платформа за дигитална трансформација, иновации и технолошки развој во Македонија. Како прв официјално признаен европски дигитален иновациски центар во земјата обезбедува поддршка за микро, мали и средни претпријатија, како и за јавни институции, со цел подобрување на нивната конкурентност преку користење напредни дигитални технологии. Дел е од европската мрежа на дигитални иновациски центри, кофинансиран од Европската комисија (преку Програмата за дигитална Европа 2021-2027) и Владата на Македонија. Во следните четири години, центарот ќе обезбеди над 300 бесплатни услуги во вредност од два милиони евра, насочени кон дигитализација, иновации и технолошки развој. Мисијата е да ја забрза дигиталната трансформација на приватниот и јавниот сектор преку обезбедување експертска поддршка, инфраструктура за тестирање и експериментирање, напредни обуки и можности за вмрежување.