Фото: Пиксабеј

ЗИМСКА ТРИЛЕР-СТОРИЈА

– Овде ми беа потребни сите актери што се поврзани со случајот, Воронцов – генералот нервозно чкрташе со забите. – Ама, ете, една многу значајна алка недостига во приказната, а тоа е твојот адвокат. Ние секако ќе го пронајдеме, но јас стравувам дека можеби кај него се тие проклети материјали. Не треба да те потсетувам дека со тебе ќе биде завршено доколку не добијам одговор во врска со Кузнецов.
– Јас навистина… навистина не знам каде е тој…
– Тогаш, веднаш се селам кај Долгоруков – генералот му пријде и го клоцна по ребрата. Човечето застенка и ги отвори очите. – Каде е Кузнецов, крту?
– Носи се…
– Сметам дека и овој тука е отпишан – згрме Рибкин. – Конечно, Марија треба да ми даде соодветен одговор што ќе ги реши моите грижи. Па… ајде да слушнеме, млада убава дамо. Внимавај добро што зборуваш бидејќи Каја веднаш ќе биде изнесена надвор од дачава…
– Ве молам… јас навистина не знам што се случува. Овде сум од една единствена причина. Не можев повеќе да ја издржам тортурата од страна на мојот сопруг. Тоа беше мачење што изнуди бегство. Зарем јас би го ризикувала животот на моето дете за работи во кои ниту сум упатена ниту се во мој интерес.
– Доста! – генералот ги исколачи очите и силно со дланката тресна по столот. – Матвеев, Сорокин, водете го девојчето!
Марија вресна, по неа и Каја. Но тоа не им помогна бидејќи суровите професионалци не знаеја за милост. Тие ги разделија на груб начин.
– Застанете! – викна Марија. – Оставете ми го детето. Ќе кажам сѐ што знам!
Генералот воздивна и триумфално се насмеа.
– Вратете ѝ ја ќерката. Млада дамо, ве слушам со посебно внимание.
– Проклет да бидеш! – стенкаше Долгоруков.
– Се случи во глува доба од ноќта – започна со растреперен глас Марија Воронцова. – Од сонот ме исфрли чуден шум. Постелата до мене, на која требаше да биде мојот маж, беше празна. Станав и излегов на внатрешната тераса. Од ходникот што водеше до кабинетот на Генадиј допираше здушено светло. Некој беше внатре. Веднаш потоа, следен од еден телохранител на мојот маж, адвокатот Кузнецов излезе надвор од домот. Внимателно на прсти се прикраднав и го видов како Генадиј вади некои фасцикли и како гласно коментира. Си зборуваше самиот на себе. Така дознав дека станува збор за притисокот што некој му го прави во врска со компромитирачките материјали. Тоа беше единствена можност да му се одмаздам за сѐ што ми направи, а наедно и да ја истерам правдината докрај. Бидејќи веќе донесов одлука да си заминам заедно со Каја, ја зграпчив палката што постојано ја чуваше во еден од аглите на кабинетот во случај на самоодбрана и со неа го треснав по глава. Откако ја загуби свеста, ги собрав материјалите и заедно со девојчето се симнав во гаражата. Во тој момент, Кузнецов се објаснуваше со луѓето на главниот влез. Ја запалив колата и ја отворив вратата по електронски пат. Потоа со голема брзина се упатив кон Краснојарск кај мојата школска другарка. Притоа, никој не ме следеше.
– Е па, добро – генералот ги триеше рацете. – Сега е моментот да ми ги предадеш материјалите, Марија.
– Не прави го тоа, Воронцова, оти тоа ќе биде нашиот заеднички крај! – повика Долгоруков.

– Простете, но јас морам да го направам тоа – одговори Марија.
– Така е – ја поддржа и сопругот. – Барај гаранции за возврат, Маша. Генералу, зарем вие сметате дека и мене треба да ме ставите во истиот кош со овие тапоглавци и стеницата од ФСБ?
Таа го измери со поглед полн молњи. Имаше многу омраза во нејзините очи.
– Претпоставувам дека Генадиј го застрела Кузнецов бидејќи мртвата уста не зборува – рече Марија.
– Лага, ноторна лага!
– Замолчи, Воронцов! Секако дека ќе ви го гарантираме животот и тебе и на Каја, мила моја Маша. Генералот Рибкин знае како да биде благодарен.
– Внимавај добро, Маша – ја предупреди повторно Долгоруков. – Веднаш штом ќе ги добие документите, тој ќе расчисти со сите потенцијални сведоци. Верувај ми, ти и Каја нема да бидете исклучок.
– Извадете ја оваа стеница надвор од дачава и завршете по куса постапка! – нареди Рибкин.
– Никако! – викна Марија. – Господата Долгоруков и Калугин доаѓаат со мене и Каја. Откако ќе бидеме на сигурно, тогаш јас ќе ви го посочам местото на кое ќе ги најдете материјалите.
Генералот иронично се насмеа:
– Како тоа? Зарем ме сметаш за малоумен? Штом ќе се најдете на безбедно, тогаш господинот Долгоруков веднаш ќе преземе мерки за да ме испрати во некој поларен гулаг. Не, не ми излегол умот да го прифатам твојот предлог!
– Вие мора да прифатите – се засили Марија. – Во спротивно, нашите животи нема да вредат ниту скршена копејка.
– Но што со мене? – Воронцов му се обрати на Рибкин. – Точно е дека јас сум дното. Полтрон и нечесник кому најважни од сѐ му се парите. Господар сум на интриги како и ти, генерале. Мразам конкуренција и со неа се справувам на ѕверски начин. Лукав сум и опасно го штитам сопствениот интерес. Ако е потребно, можам да ја сведнам главата до земи, да се покорам како гладен мачор, да сркам плунки и да трпам секакви навреди. Не велам дека не сум и налудничав, но што да се прави кога тоа сум јас, а тоа си и ти. Убивајќи ме мене, се убиваш самиот. Затоа, барам милост, генералу Рибкин!

– Сѐ си во право, Генадиј – генералот се насмеа. – Но сега си на крајот од твојот животен пат. Небото нема разбирање за грешници како нас. Живеј го животот докрај, па дури и со чувство на безнадежност. Ти изнареди еден куп грешки за кои нема проштевање. Толку со тебе, а сега повторно на убедување со дамата. Значи?
– Останувам на моето, генералу.
– Матвеев, Сорокин…!
– Дури и да ја земат, материјалите наскоро ќе го видат светлото на денот! – се закани Марија Воронцова.
– Водете ја малечката и врзете ја некаде длабоко во шумата како цел на ѕверовите!
– Застанете! – самото спомнување на шумата и ѕверовите, ја натера Марија да си го смени мислењето. – Тогаш што ми нудите за возврат, генералу?
– Ова сега е разумно, млада дамо. Давам чесен армиски збор дека ти и твоето девојче со куп долари, ќе го минете животот во некој од егзотичните краеви на планетата. Се разбира, изборот ќе биде твој. Значи?
Младата жена длабоко се замисли.

Роберт Торн